10.2 C
Vinica
сабота, февруари 28, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Сомнителни нови градби во Скопје, Билјана Ивановска: Агресија врз зелените површини, апетитите за високи профити се во пораст

    На просторот спроти „Мида“ градежни фирми веќе купиле плацови каде што треба да никнат пет згради. Од „Александар палас“, пак, накај изворите на Лепенец биле планирани уште 42 згради. Според неофицијалните информации од Слободен Печат ќе се градат две населби „Скопје на вода“ и „Скопје на дланка“, а дека инвеститори ќе бидат фирми од Србија и од Македонија, како и компанијата „Игл хилс“ од Обединетите Арапски Емирати, која го градеше „Белград на вода“. За овие градби остро реагираше поранешната претседателка на Антикорупциската комисија, Билјана Ивановска, сега дел од иницијативата на активистите „Независните заедно“. Во интервју за Portalb.mk, Ивановска зборуваше за негативните ефекти што овие градби ќе ги имаат врз животната средина, врз животот на граѓаните, како и за сомнежите за корупција.

    Неодамна реагиравте против 42 згради кои се планира да се изградат на потегот од „Александар Палас“ до изворите на Лепенец, зошто?

    Реагирав бидејќи чувствувам револт поради бескрајното бетонското силување на Градот. Во кампањата за локалните избори кандидатите од сите политички опции со полна уста зборуваа дека ќе се залагаат за зголемување на зеленилото, за похумано и поквалитетно живеење во Градот, а после изборите си продолжија со старите добро познати песни.

    Ова што се случува е тешка агресија кон простор, кој според ГУП от на Град Скопје, е наменет за зеленило како продолжение на Градскиот парк. Да потсетам дека граѓаните на Скопје, со помалку од 10м2 зеленило по жител се далеку од 25м2 колку што е стандардот. Ако и ова се уништи продолжуваме уште повеќе да се оддалечуваме од овој стандард.

    Се чудам до кој степен се подготвени оние малкумина кои носат одлуки за животот на граѓаните, да замижат под блесокот на парите загрозувајќи го животот на сите. Сметам дека условот „влијание врз животната среднина“ треба да биде најважен при одобрувањето на ДУП овите и издавањето на градежните дозволи. Праксата покажува колку многу во изминатите години се гледало низ прсти за влијанието врз животната средина. Љубљана само за муабет ни е за пример, но никако за во пракса. Во конкретниот случај, изговорот е дека се создаваат „продори со шума“ , но, се препознава намерата и тенденцијата на трендовскиот густ инвестициски урбанизам.

    Дали сметате дека станува збор за проект што се подготвува без транспарентност и јавна дебата?

    Да, бидејќи апетитите за високи профити се во постојан раст, а тука станува збор за една постара намера за профитабилна градба, што на инвеститорите ќе им овозможи енормна заработувачка. Оваа намера до сега беше завиткана во деловна тајност. За жал регулативата е уредена за тоа да го овозможува. Затоа, заедно со независните советници од општина Карпош будно следиме што се случува, дотолку повеќе што знаеме дека за да се оствари оваа намера потребно е измени и на ГУП от и на деталниот урбанистички план за потегот долж северната страна на Илинденска. Ние, сите независни, ќе инсистираме процедурата да биде поткрепена со стручна и општа јавна расправа, што се надевам ќе им помогне на советниците од владеачкото мнозинство да донесат здраво разумна одлука за полесно сите да дишиме.

    Според Вас, дали има простор за корупција во овој проект што се најавува и кои се Вашите сомнежи?

    Секаде каде што се постапува спротивно на стандардите за урбанистичко планирање, на стандардите за здрав и квалитетен живот има сомнежи за корупција. Кај нас безмилосно се уништува просторот кој е ограничен ресурс, а потоа кукаме поради неподносливи услови за живот во Скопје. Како жител на овој Град во времето кога Градот дишеше, а градењето беше во функција на јавниот интерес, ова што се случува го доживувам како напад врз Градот и врз сите нас што си го сакаме нашиот Град. Со последните измени во регулативата за Урбанистичко планирање ( 6 измени на Законот за урбанистичко планирање и 3 измени на Правилникот за урбанистичко планирање, за година и седум месеци од мандатот на оваа Влада, оваа е 10 измена) според која хотели декларирани од државно значење можат да се градат со одлука на Влада, дополнително се создаваат сомнежи за корпутивно делување, бидејќи политички ќе се одлучува каде ќе се гради, а тоа, како конечна одлука ќе им се презентира на граѓаните, без при тоа да се спроведе јавна анкета, да се слушне нивниот глас. Значи гласот на граѓаните ќе биде комплетно обезвреднет.

    Кои последици ги очекувате доколку овој проект се реализира онака како што беше
    најавен?

    Градот и вака тешко диши, а со таков проект ќе се затвори и тоа мало струење на воздух што доаѓа од Вардар, ќе се генерира дополнителен сообраќај, отпад, а ќе се уништи зеленилото и можноста за креирање голем парк кој треба да ги ублажи последиците од сите досегашни нехумани планирања. Да не заборавиме дека сеуште немаме прочистителна страница на отпадни води, така што проблемите во суштина ќе останат не решени.

    Затоа, последиците од овој мега проект мора да се одмерат рационално и објективно со соодветна анализа. Главниот одговор треба да го бараме во документот за стратешки развој на Градот – ГУП, бидејќи со овој проект се надминуваат параметрите поставени во ГУП от, што претставува дебалансирање и тектонско пореметување на базичноста на градот како целина. Целиот просторно урбанистички систем ќе трпи последици. Мислам дека носителите на одлуки во локалната па и во централната власт немаат доволно изградено чувство за јавен интерес, бидејќи во изминатиот период од осамостојување на државата лесно го продаваа државното земјиште, за потоа да даваат предност на приватната сопственост над атрактивни парцели (често пати и сомнително стекнати ) и на желбите на сопствениците. Јавниот интерес на граѓаните е мисловна именка и затоа се незадоволни од условите за живот во овој Град.

    Што конкретно ќе преземе платформата „Независни заедно“ во врска со овој проект?

    Будно го следиме целиот процес а особено заднинските игри кои се лесно препознатливи, дотолку повеќе поради фактот што проектот добива на тежина, а интересите растат. Ги подржуваме независните советници од општина Карпош во заложбите за заштита на граѓаните, преку донесување одлуки врз база на анализа и во согласност со погоре споменатите стандарди. Со ваков проект квалиететот на живот на граѓаните драстично ќе се намали, а Градот ќе биде се подалеку од дефиницијата на Јан Гел – „Градовите се за луѓе“.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica