Државната лабораторија за животна средина набави нов инструмент со кој во иднина ќе може да анализира тешки метали во почва, вода и воздух. Како што информираат од Министерството за животна средина, Лабораторијата со ICP-MS инструментот ќе ги унапреди своите аналитички капацитети и можностите за анализи.
Лабораторијата ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води, Сепак, оваа државна институција се уште нема ниту една акредитација за мерење на загадувањето во воздухот, а министерот за животна средина Муамет Хоџа, најави дека ќе работат на решавање на овој предизвик.
„Модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори“, рече Хоџа.