„Укажуваме дека јавни изјави на претседателот на Владата, со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот. Имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката. Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда. Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука“, се наведува во реакцијата од Платформата.
Какошто појаснуваат, во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување и институционална независност во работењето на обвинителството.
„Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон. Во таа смисла, потсетуваме дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања. Посебно е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“, се наведува во реакцијата.
Оттаму додаваат дека нема да навлегуваат во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажуваат дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата.