Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денес на пленарна седница потврди дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование, иако опозициските пратеници побараа тоа. Јаневска истакна дека за законот сè уште се одвиваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е достапен на ЕНЕР за коментари од сите засегнати страни.
Пратеничката на СДСМ, Бисера Костановска-Стојчевска на денешната седница упати прашање до Јаневска кое се однесуваше на предлог законот за високо образование и последиците од неговите решенија врз автономијата на универзитетите, квалитетот на образованието и можностите за развој на студентите и академскиот кадар.
„Квалитетот во високото образование мора да биде највисок приоритет не само на надлежниот минстер и на владата туку и на сите вклучени во тој степен на образование. И затоа секое законско решение кое го регулира високото образование мора редовно да се осовременува, но тој процес мора да ги вклучува сите чинители и да се сослушаат сите страни“ изјави Костановска-Стојчевска.
По изјавата пратеничката испрати директно прашање до министерката за образование кое гласење „Министерке, дали сметате дека овој предлог навистина ги опфаќа сите профили кои студираат на нашите високо образовни институции?“
„Нема да го повлечам законот. Ќе ви објаснам дека е за доброто на сите“, рече Јаневска на прашањето на пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, која изнесе низа забелешки и побара законот да биде повлечен.
Министерката нагласи дека законот предизвикал одредени реакции, но тие не можат да се генерализираат и доаѓаат од студентите и универзитетскиот наставно-научен кадар. „Да, имам прочитано некои од забелешките“, додаде таа, потенцирајќи дека дел од критиките се прегенерализирани и наполнети со флоскули.
Јаневска објасни дека законот е изработен според европските и светските стандарди. Со него се подобруваат правата на студентите, се предвидува две години мандат за сите тела на универзитетите, се дава предност на најдобрите студенти кои се враќаат од престижни универзитети, како и на добитниците на инжинерски прстен и десетте најдобри студенти на универзитетите. Дополнително, законот предвидува сума за демонстраторите и вработување на студенти на проекти.
Министерката, реагирајќи на критиките на опозициските пратеници, нагласи дека членот 13 зборува за автономија и за чување на автономијата на универзитетите, а не за мешање на државата. Таа истакна дека во изработката на законот учествувале над шеесет професори и дека ќе се одржат низа расправи со цел дополнителни консултации.