Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат од Гостивар кон селото Чегране, поточно во селото Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од селото Чајле кон селото Старо Чајле кон селото Форино, информираат од АМСМ. Блокиран е и патот кон селото Герман кај селото Станча, бидејќи на коловозот има паднато дрво и во моментот не е прооден.
Како што соопштуваат утрово од АМСМ сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка, на граничните премини Деве Баир, Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека денеска во утринските часови во североисточните делови ќе има слаб локален снег. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, локално и со јачина од над 60 километри на час, особено долж Повардарието и во источните делови. Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Темпертурите ќе се намалуваат, особено утринските кои ќе се движат од минус 4 до нула, а дневните од нула до 11 степени Целзиусови.
Студеното време ќе се задржи и во следните денови. Утре утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег. Во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
АМСМ им препорачува на возачите прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево и потсетува дека до 15 март важи законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.