Премиерот Христијан Мицкоски, како дел од престојот на Минхенската безбедносна конференција, вчера се сретна со претседателот на Украина, Володимир Зеленски по која најави дека Македонија е поддржувач на праведен мир во оваа европска земја.
„Разговаравме за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè за праведен мир“, посочи Мицкоски во објава на социјалните мрежи.
Според него, „мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите“.
„Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа“, пишува Мицкоски, без да наведе што тоа точно значи.
Како што додаде македонскиот премиер, со Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.
На крајот од краткиот пост на социјалните мрежи, Мицкоски уште еднаш посочува оти „Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир“.
Претседателот на Украина, на една недела од одбележувањето на четири-годишнината од руската целосна инвазија на Украина, има интензивна димпломатска офанзива. Покрај со Мицкоски, Зеленски вчера се сретна со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, со претседателот на Чешка, Петр Павел, со државниот секретар на САД, Марко Рубио, потоа со повеќе американски конгресмени и лидери на меѓународни компании, а и телефонски разговараше со специјалните претставници на Доналд Трамп кои се вклучени во мировните преговри, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.