Ждрепката за петтата сезона од Лигата на нации на УЕФА ќе се одржи вечерва во 18 часот во Брисел. Македонската фудбалска репрезентација за првпат ќе се натпреварува во Лига Б дивизија, а пред ждрепката е сосема јасно дека нашите ривали ќе ги очекуваме од четвртиот шешир.

Петтата сезона од Лигата на нации ќе започне кон крајот на септември оваа година, а сите учесници уште денеска ќе ги дознаат имињата на своите противници. Традиционално, вкупно 54 членки на УЕФА (без суспендираната Русија) се поделени во четири дивизии (лиги) врз основа на резултатите во претходното издание на престижното натпреварување. За првпат во нашата историја прогресиравме во Лига Б делот, што е втор по ранг во рамките на УЕФА натпреварувањето. Во трите најквалитетни дивизии (А, Б и Ц), 16 национални тимови се поделени во четири шешири, врз основа на конечниот пласман во претходното издание на Лигата на нации. Националните тимови ќе бидат случајно извлечени во четири групи од по четири селекции, така што секоја група ќе содржи по еден тим од секој од четирите шешири.
