Шведскиот филм „Престолонаследникот и враќањето на Тиранинот“ од Торд Даниелсон е најдобар кај јуниорите (шесто до деветто одделение), а рускиот „Од почеток“ од Полина Кондратева е најдобар за кадетите и сениорите (прва до четврта година средно) на 13. „Џифони Македонија“, што заврши синоќа.
Вообичаено, по изгледаните филмови во повеќе категории, жирито на фестивалот кое се состои од сите негови учесници, гласаат за наградите на фестивалот.
Неда Стојановиќ, Јана Петрушевска и Бисера Чоневска се првите учеснички на „Џифони Македонија“, избрани за наредното издание на „Џифони експериенс“ во 2026 година.
Во категоријата на кадети и сениори најдобар ученички филм е „„Доста е!“ од Јоханес Брандвајнер и Ана Хилтгартнер (Австрија). Најмногу гласови за категоријата краток филм освои „Андромеда“ од Ана Меликјан (Русија). Најдобар анимиран краток филм е прогласен „17 часот“ од Флака Коколи (С. Македонија / Косово).
На последната вечер што се одржа во киното „Фросина“, видовме што креирале учесниците на фестивалот во изминатите денови, на нивните работилници. Мјузикл, фотоизложба, кратки филмови… го видовме раскошниот талент на нашите џифонци, предводени од нивните ментори. Фестивалот се одржа под мотото „Да се стане човек“.
Давиде Русо, директорот за институционална соработка на „Џифони експериенс“ му се заблагодари на тимот на „Џифони Македонија“ за добрата работа.