28.8 C
Vinica
вторник, јуни 23, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Рама: Албанците од Косово и Македонија не се албанска дијаспора

    Албанците во Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа земја, заедно со Македонците тие се државотворен народ на својата земја во соседната држава. Дијаспора се иселениците што живеат во странски земји, а не тие, ниту пак Албанците од Косово, кои имаат своја независна држава, напиша премиерот на Албанија Еди Рама на својот профил на Фејсбук, коментирајќи ги протестите во Тирана на кои, наводно учествувале голем број Албанци од Косово и од Македонија.

    „Кога слепите војници на политичките каравани од Приштина и Тетово се појавуваат во Тирана како „дијаспора“ со национални знамиња што стануваат декор на една таква фарса и со бели плиси што потемнуваат од срам поради вакво нешто, тие се само ревносни жртви кои не можат да си постават едно едноставно прашање: Дали се загрижува или се радува оној што сака Албанците да бидат во кавги и неред, кога ја гледа оваа „дијаспора“ од Северна Македонија и Косово како јуриша кон Тирана како освојувачка орда на коњи со четири тркала, за да ја урне Владата на Албанија?“, прашува Рама на Фејсбук.

    Според него, ова е прашање што треба да си го постават нивните спонзори, кои, како што вели, „ги трошат своите пари само за да му наштетат на националниот и меѓународниот углед на Албанците во Северна Македонија и на Косово“.

    „Што се однесува до мене и Владата на Социјалистичката партија, нека продолжат да плаќаат гориво, храна и плиси сè до денот кога ќе заврши нашиот нераскинлив договор со 856.177 Албанци и Албанки, во татковината и надвор од неа. И никогаш нема да ми се избрише од умот сквернавењето на ослободителното знаме на УЧК, кое беше подигнато како бајрак на омраза за уривање на Владата во Тирана“, пишува Рама.

    Во последните три недели во Албанија се одржуваат масовни демонстрации против Владата на Рама, но и против опозицијата, кои започнаа поради спорни туристички и градежни проекти, но постепено прераснаа во пошироко антивладино движење. Протестите се наречени „Фламинго револуција“, а се случуваат поради изградбата на луксузниот туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп. Граѓаните се против тоа „Албанија да се продава“.

    Демонстрантите протестираат веќе 22 дена започнувајќи во 19 часот. Носат транспаренти со пораки „Албанија не е на продажба“ и извикуваат „Нова Албанија“ пред кабинетот на премиерот, а колоната протестанти се протега по една од главните градски булеварски сообраќајници.

    Проектот, чија вредност се проценува на околу 5 милијарди евра, предизвика силни реакции бидејќи е планиран во близина на заштитено мочуриште кое претставува живеалиште на фламинга, фоки и морски желки.

    Протестите започнаа во селото Звернец на јужниот брег на Албанија, каде што е предвидена изградбата на комплексот. Движењето доби назив „Револуција на фламингата“, според заштитеното мочуриште кое служи како миграциска станица за овие птици.

    Премиерот Еди Рама ги отфрли критиките поврзани со животната средина, наведувајќи дека ќе биде спроведена проценка на влијанието врз животната средина и дека проектот ќе се реализира одговорно.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica