Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело – Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно повреда нанесена при вршење семејно насилство, соопштија денеска оттаму. Се работи за случајот за кој објави „Слободен печат“, кога мајката на 21-годишната девојка Емилија, Бети Ангеловска од Битола, пријавила во полиција дека нејзината ќерка била давена и задушувана со голи раце од момчето со кого била во врска и од кого според пријавата, една и пол година трпела тепање, закани за убиство и психичко малтретирање.
Како што информираат во Обвинителството, обвинетиот на 10 ноември, во неговиот дом во Битола, телесно ја повредил неговата девојка. По вербална расправија меѓу нив, ја удирал по лицето со тупаници и шамари, па ја стегал за вратот и устата, со што и нанел површинска телесна повреда и неколку нагмечувања и крвни подливи.
„Обвинетиот во текот на постапката за прибирање докази беше обезбеден со мерка притвор, имајќи ги предвид ризиците тој да се обиде да го избегне кривичниот прогон и да го повтори насилното однесување. Притоа обвинителството ги ценеше информациите дека тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен. Сметајќи дека овие ризици и натаму постојат, јавниот обвинител со поднесеното обвинение му предложи на судот да ја продолжи притворската мерка.
На вчерашната блокада пред Владата, пред присутните зборуваше мајката на Емилија, Бети, која раскажа за насилството низ кое поминала нејзината ќерка и за тоа дека во случајот нема институционална заштита. Ангеловска вчера побара Јавното обвинителство темелно да ги прегледа телефоните на нејзината ќерка, кои се одземени за вештачење.
„Го молам министерот за внатрешни работи, го молам Јавното обвинителство. Телефоните се земени на вештачење, во нив има снимки, видеа, материјали на кои се гледа дека е претепана. Ме лазат морници при самата помисла на тие слики од моето девојче. Јас ја израснав сама, 21 година, нема да дозволам никој да ми го уништи девојчето“ рече Ангеловска.