Излегувањето на Антропик на берзата преку ноќ ги претвори огромното мнозинство вработени во овој млад стартап во милионери – некои од нив дури и повеќекратно.
Според регулаторните извештаи, заклучно со септември оваа година, компанијата броела 5.300 вработени. ОткакоАнтропик ја одреди цената за својата првична јавна понуда (IPO) на 83 долари по акција, околу 600 вработени станаа дел од ексклузивниот клуб на луѓе со удели во сопственоста проценети на над 100 милиони долари. Овие податоци доаѓаат од Хил.ком, платформа која го следи движењето на акциите во приватни компании.
Дури 2.800 вработени, поседуваат удели во вредност над 10 милиони долари. А околу 5.100 вработени – што претставува 96% од вкупниот број – поседуваат капитал во вредност поголема од 1 милион долари.
„Она што најмногу изненадува е брзината со која се случи сето ова“, изјави во четвртокот за Си-Ен-Ен, Ендрју Бенсон, основач и извршен директор на Хил, истакнувајќи дека Антропик имал многу мала стапка на напуштање на вработените.
„Веќе подолго време беше сосема јасно дека Антропик се движи со огромна брзина, што дефинитивно ги одвраќаше луѓето од заминување, бидејќи беа свесни дека тоа би била пропуштена можност доколку си заминат.“
Не е невообичаено за стартапите од Силиконската долина, кои обично немаат многу готовина, да им исплаќаат надомест на вработените преку комбинација од плата и акции. Ветувањето за идна аквизиција или излегување на берзата (IPO) обично ги мотивира вработените напорно да работат и да останат во компанијата сè до моментот кога ќе можат да ги реализираат своите акции.
Сепак, малку стартапи пораснале толку многу или толку брзо како Антропик. Компанијата, основана во 2021 година, на крајот од 2024 година имаше помалку од 1.000 вработени.
Како што истакнува Бенсон, што е случај и кај повеќето технолошки стартапи: „Во однос на финансискиот исход, поважно е да се биде меѓу првите вработени, отколку да се има висока позиција… Може да бидете на самото дно во хиерархијата, но ако сте се приклучиле во 2023 или 2024 година, веројатно ќе остварите значително подобар финансиски резултат отколку некој на висока позиција кој се приклучил порано истата година.“ За разлика од нив, Спејс Икс помина повеќе од две децении како приватна компанија пред своето спектакуларно излегување на берзата во јуни. Тоа деби создаде околу 4.400 милионери, од вкупно 22.000 вработени.
Излегувањето на берзата на Антропик е исто така уникатно по тоа што им овозможува на вработените кои не се основачи да ги претворат своите акции во готовина уште првиот ден од тргувањето. Кај повеќето вакви иницијални јавни понуди (IPO), за вработените важи период на заклучување обично од три до шест месеци во текот на кој тие не смеат да ги продаваат своите акции. Но, излегувањето на Антропик на берзата вклучуваше сложен, постепен распоред на заклучување, кој им овозможи на вработените кои не се основачи да продадат до 10 % од своите акции веднаш штом започна тргувањето.
И за разлика од Спејс Икс, чии вработени се распоредени низ Тексас, Калифорнија и Флорида, Антропик е концентриран исклучиво во Сан Франциско град чија целосна економија е преобликувана од наглите приливи на богатство од технолошкиот сектор.