13.1 C
Vinica
петок, октомври 30, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Хакери украле 6,3 милијарди долари од Бајненс, најголемата светска берза за криптовалути

    Хакери украле 6,3 милијарди долари од Бајненс, најголемата светска берза за криптовалути. Според аналитичарите, ова е најголемиот хакерски напад во светот на криптовалутите досега – напад што би можел да ги натера инвеститорите повторно да размислат за ризиците од поседување дигитални средства.
    Според американските фирми за анализа на блокчејн, ТРМ Лабс и Чејнанализис, хакерите кои стојат зад овој напад доаѓаат од Северна Кореја. Од ТРМ Лабс соопштија дека напаѓачите ги таргетирале паричниците на Бајненс на 10 различни блокчејн мрежи и успеале да го префрлат поголемиот дел од средствата за само 20-тина минути.
    Од Бајненс изјавија дека, во соработка со партнери, успеале да ги замрзнат погодените средства, при што досега се лоцирани околу 3 милијарди долари. Компанијата не даде информации за статусот на преостанатите 3,3 милијарди долари, но нејзината ко-основачка, Ји Хе, изјави дека берзата ќе ги покрие сите загуби настанати од хакерскиот напад.
    Од Бајненс исто така наведоа дека депозитите на корисниците се безбедни и дека очекуваат услугите за повлекување средства повторно да бидат достапни во текот на следните 48 часа.
    Според ТРМ неколку карактеристики на нападот се совпаѓаат со претходни кражби поврзани со Северна Кореја, вклучително и хакерскиот напад врз берзата за криптовалути Бајбит, за кој американското Федерално биро за истраги (FBI) посочи дека е дело на Пјонгјанг.
    „До овој заклучок дојдовме со висок степен на сигурност“, се наведува во соопштението.
    Мисијата на Северна Кореја во Женева, како и нејзината амбасада во Кина, не одговорија веднаш на барањата на Ројтерс за коментар.
    Според аналитичката фирма Чејнанализис и други експерти од индустријата, овој инцидент би можел да биде најголемата кражба на криптовалути во светот.
    „Ова е најголемиот хакерски напад во историјата“, изјави Аравинд Сринивасан, раководител за системско OTC (вонберзанско) тргување во ГСР, голем креатор на пазарот за криптовалути.
    Пазарите реагираа веднаш за време на азиското тргување во петокот.
    Вредноста на биткоинот падна за повеќе од 3%, достигнувајќи најниско ниво во последните шест недели од 76.368 долари, додека етерот исто така забележа пад од над 3%, спуштајќи се на најниско ниво во последните два месеца – 2.178 долари. Според податоците од агрегаторот КоинГеко, токенот БНБ првично лансиран како Бајненс коин, кој се користи за плаќање провизии на платформата Бајненс во изминатите 24 часа поевтини за 5% и се тргуваше по цена од 709,70 долари.
    Од Бајненс соопштија дека првичната истрага укажува оти безбедносниот пробив можеби започнал преку хакиран лаптоп на еден од нивните инженери, што му овозможило на напаѓачот да пристапи до еден од системите и да изврши неовластени повлекувања на средства.
    „Инцидентот е резултат на повеќе фактори. Нашиот тим за безбедност го следи целосниот тек на нападот преку компромитираниот компјутер, кој веројатно претставува почетната точка на инцидентот“, наведоа од Бајненс.
    Според аналитичарите, покрај потенцијалната загуба на средства, овој безбедносен пробив би можел да има и пошироки последици за крипто-секторот, кој веќе беше под притисок поради повисоките каматни стапки во САД и намалената побарувачка од страна на купувачите на инвестициски фондови кои се тргуваат на берза (ETF).
    „Ова може дополнително да го намали апетитот за ризик и да ги поттикне инвеститорите повторно да ја проценат безбедноста на средствата што ги чуваат на централизирани берзи, како и ризиците поврзани со другата страна во трансакцијата, солвентноста и ликвидноста“, изјави Тим Сан, виш истражувач во Хаш ки Груп со седиште во Хонгконг.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.