25.2 C
Vinica
среда, август 19, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Екстремните горештини се поопасни за луѓето над 60 години отколку што претходно се сметаше

    Луѓето на возраст од 60 години и постари се соочуваат со опасности по своето здравје од изложеност на топлина при многу пониски температури отколку што претходно се сметаше, покажало истражување, објави „Гардијан“.

    Повозрасните лица ќе ги почувствуваат најтешките последици од сè почестите и подолги периоди на екстремни горештини ширум светот, додека планетата продолжува да се загрева, се наведува во студија објавена во списанието „Де Лансет паблик хелт“.

    Топлотните бранови ќе предизвикуваат кај огромен и сè поголем број луѓе ширум светот, од сите возрасни групи, состојба на некомпензабилен топлински стрес (UHS) – состојба во која телото ја губи способноста да се разладува, со што се зголемува ризикот од сериозни здравствени последици, вклучително и смрт.

    „Нашите резултати укажуваат дека, ако се земе предвид ранливоста според возраста, неподносливата топлина ќе се појавува на многу поголеми подрачја и ќе трае подолго, што ќе влијае на многу поголем број луѓе отколку што претходно се сметаше“, се наведува во студијата, предводена од здравствени истражувачи од Универзитетот Стенфорд во Калифорнија.

    Познато е дека повозрасните луѓе се изложени на поголем ризик при многу високи температури. Тие помалку се потат, срцето им работи понапорно при топлина, а крвните садови потешко се шират, што ја ограничува способноста на организмот да се разладува.

    Сепак, претходните истражувања не ги разграничувале соодветно различните ризици со кои се соочуваат помладите лица на возраст од 15 до 39 години, средовечните лица (40–59 години) и повозрасните лица (60 години и постари).

    Причината е тоа што во тие истражувања се применувале прагови на температура при кои луѓето повеќе не можат да одржуваат топлинска рамнотежа прагови што биле точни за помладите лица врз сите возрасни групи. Со тоа се занемарувала поголемата ранливост на повозрасните лица, на пример, на срцев удар.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica