Онколошки пациенти велат дека веќе со месеци не можат да го направат контролното ПЕТ/КТ снимање од кое зависи процената дали нивната терапија делува и како треба да продолжи лекувањето. Дел од нив се принудени да бараат решение во странство или во приватните болници, каде што едно снимање чини околу 1.300 евра.
Истовремено, од здружението „Хема Онко“ денеска пред Министерството за здравство повторно алармираа за прекини во снабдувањето со онколошки лекови и предупредија дека ќе протестираат доколку не се утврди каде и кај кого настануваат застојот и одговорноста.
„Трет месец не можам да направам снимање“
Онколошка пациентка, чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата, вели дека ПЕТ/КТ скенерот не работи два до три месеци. Во еден период апаратот бил повторно ставен во функција, но само неколку дена, по што снимањата повторно запреле.
„Докторот ме советуваше да не чекам бидејќи сигурно ќе треба да поминат уште неколку месеци. Затоа одлучив снимањето да го направам во странство. По неколку месеци терапија требаше да направам пауза за да видиме каква е состојбата и како да продолжиме, но за тоа е потребно ново снимање. Еве, веќе трет месец не можам да го направам“, вели пациентката.
Таа објаснува дека без резултатите лекарот не може да процени дали терапијата дала резултат и дали треба да продолжи, да се прекине или да се промени.
И самиот УИ ПЕТ на својата официјална веб-страница, која патем редиректира кон сомнителни содржини на интернет, наведува дека ПЕТ/КТ снимањата се користат за одредување на стадиумот на болеста, планирање радиотерапија или хемотерапија, следење на ефектите од применетата терапија и откривање рецидив.
Слични сведоштва се споделуваат и во групите за поддршка на онколошките пациенти на социјалните мрежи. Во Фејсбук групата „Не си сам/а во оваа борба“, пациентка на 20 јули напишала дека од Институтот добила информација оти сервисирањето е во тек и дека до крајот на месецот најверојатно нема да има снимања.
„И јас чекам, веќе трипати ме враќаат“, напишала друга пациентка.
Еден скенер за целото јавно здравство

Застојот добива дополнителна тежина бидејќи јавното здравство располага со само еден ПЕТ/КТ-скенер.
Во ревизорскиот извештај за искористеноста на современата медицинска опрема, Државниот завод за ревизија утврдил дека Универзитетскиот институт за позитронско емисиона томографија (УИ ПЕТ) е единствената јавна установа во земјава специјализирана за ПЕТ/КТ снимања и дека располага со еден скенер.
Во периодот од 2021 до 2023 година биле реализирани 6.457 упати, односно просечно околу 180 снимања месечно. Максималниот капацитет на расположливата опрема, според информациите што УИ ПЕТ им ги доставил на ревизорите, бил 13 пациенти дневно.
Ревизорите оцениле дека со набавка на втор скенер би се зголемиле достапноста и бројот на услуги. За втор апарат веќе имало и обезбеден соодветен простор во Институтот.
Државниот завод за ревизија утврдил и дека УИ ПЕТ и Клиниката за радиотерапија и онкологија, поради специфичноста на опремата, склучувале договори за редовно одржување со месечни паушали, познати како „Full Service Contract“.
Вкупниот годишен издаток за одржување на опремата на двете установи во што покрај ПЕТ скенерот, спаѓаат и циклотронот и акцелераторите, изнесувал околу 78 милиони денари, односно 1,2 милиони евра. Според извештајот, целта на овие договори е да се обезбеди непрекината функционалност, да се избегнат поголеми дефекти и услугите да се прекинуваат само за време на редовните периодични проверки.
Сепак, УИ ПЕТ бил меѓу седумте установи што воопшто не внесувале податоци во „Мој термин“ за дефектите, извршените сервиси и повторното ставање на апаратите во функција. Ревизорите предупредиле дека поради ваквата практика не постојат точни и ажурни податоци за тоа колку долго медицинската опрема била недостапна за пациентите.
Во април 2025 година УИ ПЕТ започнал и постапка за јавна набавка за двегодишно превентивно одржување и сервисирање на ПЕТ/КТ-скенерот, без рендгенската цевка, со предвиден период до мај 2027 година. Но, една година пред тој период, скенерот повторно не работи.
До објавувањето на текстот, од УИ ПЕТ нема информации дали договорот бил склучен и со која компанија, што точно се расипало, дали дефектот е покриен со сервисниот договор, зошто апаратот кратко проработел па повторно запрел, колку пациенти чекаат и кога снимањата ќе продолжат.
Недостигот на лекови се повторува
Во меѓувреме, од здружението „Хема Онко“ велат дека снабдувањето со дел од терапијата во моментов се нормализира, но предупредуваат дека прекините се повторуваат и дека пациентите немаат сигурност оти лековите ќе ги добијат навреме.
„Во моментот терапијата пристигнува и пациентите ќе ги информираме преку нашите групи. Но, цело лето има прекини во набавките. Ако повторно има застој и ако не се каже кој е одговорниот добавувач, ќе протестираме пред сите институции и дистрибутери. Мора да знаеме каде е проблемот“, вели Ана Марјановиќ од „Хема Онко“.

Според неа, овојпат недостигале и лекови од позитивната листа, меѓу кои и одредени цитостатици.
„Кај пациентите има страв, револт и неизвесност. Без разлика која партија е на власт, постојано се соочуваме со недостиг и неконтинуираност на терапијата. Во моментов практично немаме ниту функционална скрининг-програма. Ако не се вложува во превенција и рано откривање, бројот на пациенти ќе продолжи да расте“, вели Марјановиќ.
Прекините не се нов проблем. Во јануари 2025 година беше пријавен недостиг на шест лекови од биолошката терапија, кој, според тогашниот директор на Клиниката, засегал меѓу 40 и 60 пациенти. Во април истата година, дел од пациентите речиси еден месец немаа биолошка терапија за рак на дојка, а беа пријавени прекини и за терапиите за меланом и рак на белите дробови.
Во јуни 2025 година, Мета.мк објави дека имало застој во испораката на „Paclitaxel“, додека во септември пациенти сведочеа дека купуваат хемотерапија во странство и приватно прават испитувања поради недостиг на реагенси.
Во април годинава, ТВ 24 објави дека два месеца недостигале палбоциклиб, „Фазлодекс“ и ниволумаб. Поранешниот министер за здравство Азир Алиу тогаш изјави дека државата нема воспоставен систем за следење колкави количини лекови се потребни и каде тие завршуваат.
Клиниката тврди дека лекувањето не било загрозено
Од Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија информираат дека кај мал дел од препаратите од позитивната листа било евидентирано краткотрајно доцнење во испораката. Како причини ги наведуваат зголемената потрошувачка, поголемиот број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки и делумниот недостиг кај дистрибутерите.
Оттаму велат дека најголемиот дел од препаратите веќе се обезбедени и доставени, а преостанатите количини треба да пристигнат во текот на неделата.
„Во ниту еден момент не беше доведен во прашање континуитетот на лекувањето, ниту квалитетот на здравствената грижа што им се обезбедува на пациентите“, велат од Клиниката.
Но, ваквото уверување е спротивно на сведоштвата на пациентите што биле вратени или чекале со недели и месеци за терапија и контролни снимања.
Додека Клиниката тврди дека доцнењата биле краткотрајни, а УИ ПЕТ не одговара за застојот на единствениот јавен скенер, пациентите остануваат без најважната информација – кога ќе можат навреме да го продолжат лекувањето.