Поранешен функционер на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) беше уапсен минатата недела, откако агенти на Федералното истражно биро (ФБИ) во неговиот дом наводно пронашле златни прачки вредни околу 40 милиони долари, објави Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на судски документи и извори запознаени со случајот.
Станува збор за Дејвид Раш, кој во моментов се наоѓа во притвор, додека неговите адвокати и федералните обвинители собираат дополнителни информации за судот да одлучи дали ќе остане зад решетки. Според судските поднесоци, двете страни заеднички побарале одложување на рочиштето за притвор до 5 јуни во Окружниот суд на САД за источна Вирџинија.
Во заедничко соопштение на ФБИ и ЦИА се наведува дека Раш бил уапсен по пријава од ЦИА, откако внатрешна истрага открила „потенцијални прекршувања на законот“.
Двете агенции додаваат дека истрагата продолжува.
Адвокатката на Раш, Џесика Кармајкл одбила да даде коментар.
Раш е обвинет по една точка за кражба на јавни средства. Во необична кривична пријава, ФБИ го обвинува дека ги присвоил златните прачки, добивал „измамнички надуена плата“ и незаконски користел воено отсуство, додека истовремено давал низа лажни изјави за своето образование и професионално минато.
Во пријавата не е прецизирано точно кое однесување довело до обвинението.
Според документите, меѓу ноември 2025 и март годинава, Раш наводно поднел повеќе барања до владата за добивање големи количини странска валута и десетици милиони долари во златни прачки за „работни трошоци“.
Неговиот работодавец во тоа време, за кој изворите потврдиле дека била ЦИА, подоцна не можел да ги лоцира златните прачки ниту да утврди за што биле наменети.
Кога агентите на ФБИ го претресле неговиот дом на 18 мај, пронашле околу 303 златни прачки, чија вредност се проценува на повеќе од 40 милиони долари. Освен тоа, биле запленети и два милиони долари во готовина, како и 35 луксузни часовници.
ФБИ дополнително го обвинува Раш дека уште во 1997 година ја измамил американската морнарица при регрутацијата, доставувајќи лажни уверенија и документи според кои наводно дипломирал на Универзитетот „Клемсон“.
Благодарение на таа наводна диплома, Раш бил назначен за офицер во резервниот состав на американската морнарица во 2004 година, а чесно бил отпуштен од служба во 2015 година.
Во кривичната пријава се наведува дека подоцна трипати аплицирал за работа во федералната влада, наведувајќи дипломи од Универзитетот „Клемсон“, Политехничкиот институт „Ренселер“ и Морнаричката постдипломска школа. Истите институции ги навел и при апликациите за безбедносен сертификат.
Во 2018 година, според ФБИ, тој аплицирал за висока извршна функција и тврдел дека дипломирал на Школата за тест-пилоти на Воздухопловните сили на САД, како и дека бил директор за тестирање во заедничка армиско-морнаричка организација со 145 лица и 18 авиони.
„Истрагата на ФБИ откри дека апликациите на Раш содржеле лажни информации за неговото образование и за неговата работа во вооружените сили на САД“, се наведува во изјавата приложена кон кривичната пријава.
Во документот се додава дека тој не дипломирал ниту на „Клемсон“, ниту на „Ренселер“, а никогаш не служел ниту како пилот во морнарицата.
ФБИ исто така го обвинува дека лажно тврдел оти сè уште е дел од резервниот состав на морнарицата, иако бил отпуштен од служба, што му овозможило да наплати десетици илјади долари надоместоци за воено отсуство.
Извор: Си-Би-Ес Њуз