Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот соопшти дека Абу Билал ал-Минуки, втор човек во глобалната хиерархија на ИСИС, бил убиен во операција спроведена од американските и нигериските сили, јавува Ројтерс.
„Вечерва, по моја наредба, храбрите американски сили и Вооружените сили на Нигерија беспрекорно изведоа внимателно планирана и многу сложена мисија за елиминирање на најактивниот терорист во светот од бојното поле. Абу Билал ал-Минуки, втор човек во глобалната хиерархија на ИСИС, мислеше дека може да се крие во Африка, но не знаеше дека имавме извори кои нè информираа за тоа што прави“, напиша Трамп на „Трут Соушaл“.
Трамп во објавата не ја наведе точната локација на операцијата.
Ал-Минуки, нигериски државјанин, во 2023 година бил означен како „специјално назначен глобален терорист“ од претходната администрација на Џо Бајден, според американскиот Федерален регистар.
Трамп, кој претходно ја обвинуваше Нигерија дека не ги штити христијаните од исламистички милитанти во северозападниот дел на земјата, ѝ се заблагодари на нигериската влада за партнерството во операцијата.
Нигерија ги отфрла обвинувањата дека дискриминира која било религија, наведувајќи дека нејзините безбедносни сили ги таргетираат вооружените групи што напаѓаат и христијани и муслимани.
САД претходно, во декември, извршија напади врз милитанти поврзани со Исламската држава во Нигерија. Оттогаш, Вашингтон распореди дронови и 200 војници за обука и разузнавачка поддршка на нигериската војска во борбата против бунтовнички групи поврзани со Исламската држава и Ал Каеда, кои се шират низ Западна Африка.
Нигериски воени претставници претходно годинава изјавија дека американските сили дејствуваат строго во неборбена улога.