Министрите за надворешни работи на Европската унија постигнаа договор за нови санкции насочени кон насилните израелски доселеници на окупираниот Западен Брег, како и кон водечките личности на Хамас, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.
Пакетот санкции, кој е насочен кон тројца доселеници и четири доселенички организации чии идентитети сè уште не се јавно објавени, беше блокиран со месеци од претходната унгарска влада, која ги загуби изборите минатиот месец.
Европските влади изразија загриженост за зголемувањето на извештаите за насилство на доселениците врз Палестинците на Западниот Брег.
„Крајно време беше да преминеме од ќор-сокак кон реализација“, рече Калас на X. „Екстремизмите и насилството носат последици“, додаде таа.
Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави на X дека ЕУ „избрала, на произволен и политички начин, да воведе санкции врз израелските граѓани и субјекти поради нивните политички ставови и без никаква основа“.
„Подеднакво скандалозна е и неприфатливата споредба што Европската Унија ја одбра да ја направи помеѓу израелските граѓани и терористите на Хамас. Ова е целосно искривена морална еквивалентност“, додаде тој.
„Додека Израел и САД „ја вршат валканата работа на Европа“ борејќи се за цивилизација против џихадистичките лудаци во Иран и на други места, Европската Унија го разоткри својот морален банкрот со цртање лажна симетрија помеѓу израелските граѓани и терористите на Хамас“, објави канцеларијата на израелскиот премиер на X.
Високиот функционер на Хамас, Басем Наим, исто така, го критикуваше потегот на министрите на ЕУ против неговата група, велејќи дека ЕУ инсистира на она што го опиша како политичко лицемерие и расизам.
„Тоа го изедначува фашистичкиот џелат кој се фали дека извршил геноцид и етничко чистење, отпадничка држава која ги крши сите меѓународни закони, со жртвата која се брани според сите закони и статути“, изјави тој за Ројтерс.