Доделувањето на главните награди „Златен лав“ во неколку категории е одложено за 22 ноември, откако Меѓународното жири минатата недела поднесе колективна оставка
Во Венеција пристигна уметничкиот тим што ќе ја претставува Македонија на 61. Биенале за уметност. Отворањето на Македонскиот национален павилјон е закажано за петок, 8 мај, во 18.30 часот, каде ќе биде изложен проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски. Нашето претставување го организира Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Македонскиот национален павилјон е на локацијата Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале. Куратори на проектот се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.
„Поради оставките на Меѓународното жири на 61. Интернационална уметничка изложба и поради моменталната меѓународна геополитичка ситуација, Биеналето реши церемонијата на доделување награди да се одржи на 22 ноември, последниот ден отворен за јавноста“, пишува во соопштението на Венециското биенале.

Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. На изложбата ќе бидат претставени дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини ќе бидат вклучени 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан.
