15.3 C
Vinica
среда, април 8, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    ИЈЗ: Овчите сипаници најчести заразни заболувања во март, евидентирани се и нови ХИВ случаи

    Во текот на март, најголем дел од регистрираните акутни заразни заболувања во земјава припаѓаат на групата на капкови инфекции, кои сочинуваат 48,4 проценти од вкупниот број случаи, покажуваат податоците од месечниот билтен на акутни заразни заболувања што го објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

    Најголем број од нив се овчи сипаници, а во рамки на истата група се регистрирани и 17 случаи на инфективна мононуклеоза, седум случаи на скарлатина, пет случаи на легионерска болест, четири случаи на пневмококни инфекции и три случаи на голема кашлица.

    „Во групата на сексуално и крвно преносливи инфекции, без ХИВ/СИДА, евидентирани се девет заболени лица. Од нив, четири случаи се сифилис, три се вирусен хепатитис Б, а по еден случај се пријавени за инфекции со хламидија и вирусен хепатитис Ц“, пишува во билтенот.

    Во групата зоонози, евидентирани пет случаи, од кои два се бруцелоза и ехинококоза, а еден случај е лајм борелиоза.

    Во текот на месецот се пријавени и три нови случаи на ХИВ/СИДА, сите кај мажи на возраст меѓу 30 и 50 години.

    „Во текот на месец март, до ИЈЗ пристигна пријава за епидемија со dg. Toxoinfectio alimentaris, од ЦЈЗ Битола во која до 31.03.2026 година, регистриран е 191 заболен од рударско-енергетски комбинат од Битола. Првите знаци на заболувањето кај заболените се јавиле на 25.03.2026, а регистрирани се две хоспитализирани лица.

    „Направено е епидемиолошко истражување, беа земени мостри за микробиолошка анализа од храна, работни површини, прибор за работа и садови за храна и материјали за микробиолошка анализа од вработени и заболени. Добиени се позитивни резултати за дел од мострите од нежива средина, брисеви од нос и раце од вработени и од земени материјали за микробиолошко испитување од заболени. Нема позитивни микробиолошки наоди од земените мостри за храна. Превземени се соодветни хигиенски и против епидемиски мерки. Eпидемијата е во тек“, пишува во билтенот.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica