6.8 C
Vinica
среда, февруари 25, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Алиу: На шест фирми им се одземени одобренијата за одгледување канабис за медицински цели

    Досега се извршени 13 контроли кај лиценцирани правни субјекти, а кај 6 од нив се утврдени неправилности во постапувањето, согласно законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу. Тој кажа дека Владата на денешната седница донела одлуки за одземање на одобрението за одгледување канабис за медицински цели кај овие 6 правни субјекти.
    „Денес упатуваме порака дека државата повеќе нема да гледа настрана таму каде што има сомнеж за злоупотреба на дозволи, пропусти во институционалниот надзор и ризик за јавниот интерес. Секторот за одгледување канабис за медицински цели мора да функционира строго законски, транспарентно, без „сиви зони“, без привилегирани и без заштитени“, кажа министерот Алиу.
    Тој нагласи дека засилени вонредни контроли ќе се извршат кај сите правни субјекти, односно вкупно ќе бидат опфатени 43 правни лица. Контролите се спроведуваат во соработка со МВР, МАЛМЕД, Инспекторат за земјоделство, ДСЗИ и други надлежни институции.
    Одлуките за одземање на дозволите се случило поради овие констатирани состојби: несоодветно складирање на сув цвет, при што тој бил затекнат отворен, без соодветно запечатување и без складирање во пропишани картонски кутии, потоа, недоставени известувања до комисијата за извршено производство, берба и купопродажба на сув цвет, недоставена севкупна документација и договори, поврзани со продажба и трансфер на сувиот цвет, утврдено несовпаѓање меѓу евидентираните и фактички затекнатите количества на сув цвет во сеф-соба, недоставено известување во рок од три дена за настанати промени, согласно обврските, утврдени со Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци.
    „Овој процес на контрола на производителите на канабис за медицински цели, откри и низа системски слабости, но и назнаки за интенционални празнини во регулативата, што можат да се користат за злоупотреби. Затоа, по завршувањето на контролите кај сите 43 правни лица и по целосното утврдување на сите аномалии, ќе пристапиме кон подготовка на нова и поцврста законска регулатива за одгледување канабис за медицински цели. Како Влада одлучни да не дозволиме било каква идна можност за манипулации и злоупотреби“, кажа Алиу.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica