Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за борба против тероризам при МВР поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против 20-годишен жител на Мала Речица, осомничен за кривично дело „тероризам“, додека до ОЈО Тетово е поднесена пријава против 89-годишно лице за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, осомничениот К.Х. (20) на крајот на јануари годинава преку социјалната мрежа „Дискорд“ упатил закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје, автоматска пушка АК-47, позната како „калашников“. Во пораките навел дека има нарушено психичко здравје, а како инспирација го посочил масакрот што се има случено на 14 декември 2012 година во основно училиште во САД, кога 20-годишниот „Адам Ланза“ уби 26 лица, од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Дискорд“ профил лоциран во земјава, од кој биле упатени заканите, МВР во координација со ОЈО ГОКК презело мерки за идентификација на сторителот.
На 17 февруари 2026 година, по утврдување на корисничката адреса, полициски службеници од Секторот за борба против тероризам, со асистенција од САЕ „Тигар“ и во координација со ОЈО ГОКК, извршиле претрес во дом и други простории во Мала Речица, тетовско.
При претресот кај осомничениот и кај членови на неговото потесно семејство биле пронајдени и одземени повеќе парчиња огнено оружје и муниција: автоматска пушка АК-47 со две рамки и 40 куршуми калибар 7,62х39 мм, пиштол „М57“ со две рамки и 49 куршуми, пиштол „Cherokee“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми калибар 9 мм, како и тактички и борбени елеци, ножеви со различна должина и електронски уреди.