7 C
Vinica
четврток, февруари 12, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Студентите со реaкции на изјавата на министерката Јаневска за укинување на Меѓународни и интеркултурни студии

    Реакции во јавноста предизвика вчерашната изјава на министерката за образование Весна Јаневска, во емисијата „Директно“ на Телма, каде се дискутираше новиот предлог закон за високо образование. Министерката изјави дека треба да се затворат студиски програми каде се запишани мал број на студенти, при што како пример беше посочена студиската програма Меѓународни и интеркултурни студии при Филозофскиот факултет во Скопје.

    Јаневска погрешно нарекувајќи ја програмата „Почитички мултикултурни студии“, кажа дека „постојат бројни такви студии на сите јавни универзитети кои постојано објавуваат некакви студиски програми, а им се запишуваат 3 или 5 студенти, што е неиздржливо“. Кажа и дека има плејада на професори кои може да се посветат на наука, на развој на стдентски права, а „се користат“ за 5 студенти и се ангажираат и пополнуваат број на часови.

    На прашањето дали ваквите студии ќе се спојуваат со други или ќе се укинат, Јаневска, иако не одговори јасно, посочи дека на додипломските студии потребно е стекнување на општо образование, а понатаму на постдипломските или докторските студии, студентите ќе имаат право да се усмерат на ваквите програми.

    „Ние кај додипломските студии имаме некакви програми, со кои студентите понатаму не можат ни работа да најдат“, изјави таа.

    Од официјалниот профил на студиската програма, преку објава, реагираа дека станува збор за акредитирана програма која функционира од 2017 година и е дел од УНЕСКО катедрата за интеркултурни студии и истражувања при УКИМ. Тие посочуваат дека програмата е одобрена од надлежните тела уште во 2016 година, врз основа на позитивен извештај од стручна комисија, а како референтен модел била користена програмата на Универзитетот „Беркли“ во САД.

    Според нив, квотата за запишување изнесува околу 25 студенти годишно, а помалиот број на запишани не значи неуспех, туку овозможува поефикасен и практичен интердисциплинарен пристап, со предмети од повеќе факултети, Филозофскиот, Правниот, Економскиот и други.

    „Во ситуација во која, високото образование се соочува со хиперпродукција на монолитни дипломи, дипломирани студенти без никакво искуство и високо образование кое е на дното на сите параметри на академски напредок на светско ниво, деструктивно е токму вакви студентски програми да се критикуваат“, наведуваат од студиите, додавајќи дека дипломираните кадри денес се активни во граѓанскиот сектор, меѓународни организации и институции.

    Од студиската програма велат дека нападот кон програмата и кадарот е „дополнителен товар врз мал број на студенти“, додавајќи дека студентите на „МИС“ се задоволни од своите студии токму на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

    На изјавата реагираше и Теодора Милеска, поранешна студентка на програмата, која во отворено обраќање до министерката оцени дека субјективните оценки за „вредноста“ на студиските програми се несоодветни.

    „Како министерка за образование, не би требало да си дозволите паушални и генерализирачки изјави за студиски програми и нивната „вредност“, особено кога станува збор за интердисциплинарна програма темелена врз меѓународни академски стандарди“, наведува Милеска.

    Таа додава дека проблемот со вработувањето не е во дипломата, туку во системските слабости, оценувајќи дека државата не успева да ја препознае и употреби експертизата што самата ја создава кај студентите преку образовниот систем.

    „Јас, како поранешна студентка на МИС, немам „проблем“ да се вработам поради мојата диплома или експертиза. Проблемот е системски. Проблемот е во корупцијата и партизацијата, каде што компетентноста честопати е второстепена во однос на политичката припадност“, напиша Милеска.

    Реакциите доаѓаат во контекст на пошироката дебата за рационализација на студиските програми и одржливоста на катедрите со мал број запишани студенти. Досега, официјалните студентски организации не се огласија во врска со изјавата на министерката, ниту по повод најавените измени на Законот за високото образование.

    Инаку, пред шест дена, на прес-конференција Јаневска кажа дека нашите универзитети спроведуваат над 1.300 студиски програми и притоа има студиски програми со по 2, 3, 5 студенти, и тоа според неа, е неприфатливо.

    „Тој систем на такво студирање ќе го промениме. Со новите измени во Законот за високо образование, очекуваме драстично намалување на студиските програми. Бидејќи многу брзо ќе треба сите јавни високообразовни установи да се прилагодат на овие услови, очекуваме дека многу голем број од нив ќе се замозатворат или ќе бидат затворени по сила на закон“, рече Јаневска.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica