Обоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Татијана Петрушевска незаконски е суспендирана од работа од страна на генералниот директор Оливер Арсовски, соопшти Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ).
Од СКРМ информираат дека ја добиле изјавата на Петрушевска, која повеќе од 30 години е вработена како оркестарски уметник – прва обоа во Македонска опера и балет, и суспензијата е изречена спротивно на законските процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.
„Диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан пред оркестарот ме обвини дека не свирам во темпо, во реакција како свесно да сака да влезе во конфликт конкретно со мене, а јас како да бев однапред зацртан таргет. Јас му одговорив дека тоа не е точно и дека „јас свирам онака како што вие диригирате“, по што тој изјави дека можел да биде и многу лош и многу добар, но сега ќе бил многу лош и ме повика да ја напуштам просторијата, по што јас побарав објаснување зошто тоа да го направам и дали го прекршив работниот процес“, раскажува.
Петрушевска во својот допис до СКРМ наведува дека суспензијата ѝ била врачена по настан на проба на 16 јануари 2026 година за балетот „Мадам Бовари“, кога, според нејзиниот исказ, била таргетирана од диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан дека не свири во темпо.
По нејзината реакција и по забелешката на концерт-мајсторот Јане Бакевски, како што додава, пробата била прекината, а диригентот ја напуштил салата.
Според Петрушевска, истиот ден таа, заедно со Бакевски и првиот фаготист Марјан Милошевски, поднела пријава до дирекцијата за однесувањето на диригентот. Набргу по поднесувањето на пријавата, како што наведува, добила решение за суспензија со образложение за дисциплински престап од потежок карактер.