Домот на култура „Тошо Арсов“ – Виница со особена чест ја претставува јубилејната изложба на ликовната колонија „Ѓуриште“ при Домот на култура „Свети Николе“.
За официјално отворена, изложбата ја прогласи директорката на Дом на култура „Тошо Арсов“ Александра Давиткова, со поздравно обраќање на присутните гости кои имаа можност да слушнат збор два повеќе за изложбата од директорот на Домот на култура Свети Николе Николче Тренчев.Овој значаен уметнички проект, кој веќе дваесет години обединува реномирани и млади автори од земјата и странство, остава длабока трага во културниот живот и создава богато визуелно наследство.
На изложбата е претставена селекција од дела создадени во рамките на колонијата: слики во различни техники, стилови и мотиви што го носат духот на Ѓуриште – место на средба, инспирација и слободна уметничка мисла. Поставката нуди ретка можност посетителите да го проследат развојот на колонијата низ годините и да ги почувствуваат различните авторски естетики кои ја обележале нејзината историја.
Изложбата е поставена во галерискиот простор на Домот на култура „Тошо Арсов“ – Виница и ќе биде отворена за јавноста во наредните две недели. Граѓаните се поканети да ја посетат и да уживаат во богатството на делата што ја одразуваат упорноста, посветеноста и креативната енергија која ја одржува колонијата „Ѓуриште“ веќе две децении.