Младиот и талентиран Харис Реџепов од Виница ја освои титулата Fashion Model на престижниот натпревар Top Model Europe Balkans, кој се одржа на 26 октомври во луксузниот хотел „Москва“ во Белград.
Со својот впечатлив настап, самоувереност и уникатен стил, Харис се издвојуваше меѓу бројните натпреварувачи од целиот Балкан, докажувајќи дека посветеноста и талентот секогаш доаѓаат до израз.
Ова признание претставува голем чекор напред во неговата модна кариера и потврда дека Виница има млади таленти кои можат да заблескаат и на меѓународната сцена.
Во конкуренција на дваесет македонски модели, освен Харис, со својот стил и настап се истакнаа и младите модели Андреа Стојмановска и Дарио Крумевски од Куманово, кои ја освои титулата Commercial Model.
Престижниот натпревар Top Model Europe Balkans се одржа во сјајна атмосфера каде што се собраа бројни личности од светот на модата, медиумите и телевизијата. Овој настан од висок ранг ги обедини најдобрите таленти од целиот Балкан во една вечер исполнета со гламур, елеганција и креативност.
Вечерта започна со модна ревија на дизајнерката Shaleva, која е организатор на настанот и носител на лиценцата Top Model Europe Balkans.
Дел од програмата беа и македонските дизајнерки Ирина Тошева, која ја претстави својата најнова колекција, како и ревија организирана во чест на Фросина Кулакова, како признание за нејзиниот креативен придонес. Настанот беше збогатен со присуството на Никола Тупчаневски, амбасадор на Македонија во Србија, кој даде поддршка на македонските учесници и ја истакна важноста на промоцијата на македонскиот талент во меѓународните модни кругови.
Харис Реџепов, Андреа Стојмановска и Дарио Крумевски и ќе го претставуваат Балканот на големото европско финале на Top Model Europe, кое ќе се одржи на 30 ноември во Брисел.