6.5 C
Vinica
сабота, февруари 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Објавен нов осврт кон романот „Столб што пее“ на Томислав Османли

    Во најновиот број на прилогот „Култура, уметност и наука“, белградскиот весник „Политика“ под насловот „ Ода кон источниот Медитеран “ објави осврт кон српското издание на романот „Столб што пее“ од Томислав Османли.

    Романот, во превод на писателот и преведувач Сашо Огненовски, неодамна го објави новосадското книгоиздателство „Агора“ . По подеднакво содржајната рецензија објавена пред три месеци во угледниот белградски дневник „Danas“, новиот осврт во „Политика“ донесува уште едно комплексно согледување на романот „Столб што пее“, од перото на истакнатата критичарка Александра Ѓуричиќ. Авторката на текстот е писателка, драматург, музиколог и поранешна уредничка и редовна соработничка на рубриките за култура на весникот „Политика“, во еден од кои сега го објавува својот осврт кон книжевните вредности на македонскиот роман.

    Ваквите лични трагедии, коментира критичарката Александра Ѓуричиќ, отсекогаш најдобро ја одразувале суровата историја на војните и на етничките чистења кои, и покрај тоа што никогаш не му донеле ништо добро никому, сè уште тврдокорно се случуваат и денес, со истата ѕверска насилност, како во античките времиња или во која било друга ера на човечката историја:

    Откако ќе укаже на централниот, меѓу повеќето главни ликови на романот „Столб што пее“, мелопоетот Сејкил кој живеел во првиот век од нашава ера во античкиот град Тралејс во Мала Азија, денешен Ајдин во Турција и, парадоксално, успеал да остави еден оптимистички музичко-поетски запис – на својот посмртен столбец што преживеал столетија, војни и пожари, а ќе биде пронајден во мугрите на Дваесеттиот век, Ѓуричиќ укажува на нововековните воени трагедии на тој простор во кој, истакнува таа: „…се поништува сета убавина на преплетените вери и култури на која Османли, со нескриено перо на поет, ѝ се восхитува. (…) тој во својот роман ја зема нетрпеливоста како некој вид лајтмотив што го следи човечкиот род… Пораката пренесена и низ мелодијата на старогрчката пентатоника, одѕвонува низ целото дело, во хроматските варијанти на различните епохи, сѐ до епизодата за младиот човек бегалец од Алепо кој преку Турција, Грција и Македонија се префрла во Србија и тука во еден бегалски камп чека дозвола да продолжи натаму и да го пронајде своето семејство.“

    „Преку ликот на Сејкил, се чини дека нѝ се обраќа самиот автор, со своето кредо за животот, времето и минливоста, во кое ја оспорува познатата реченица на Хераклит за невозможноста за повторно влегување во истата река. Сосема спротивно, ние постојано влегуваме во истата вода, во време кое не тече праволиниски туку е сферично, затворајќи ги круговите на истите човечки надежи и грешки, секогаш враќајќи нè кон нови почетоци затоа што ‘ старата река што останува вечно иста / слободно ти стапни во неа, / таа е секогаш чиста’ “

    Ѓуричиќ посебно ја истакнува: „Необичната, мозаична градба на романот, (која) ѝ се должи на фрагментарната постапка, но и ѝ се опира на секоја теоретска класификација и на веќе премногу користните термини постодерна и интертекстуалност, ја олицетворува авторова слобода содржината сосем да ѝ ја подреди на формата. Оваа книга имено не е само за читање, туку и за слушање, а на каков тоа начин на внимателниот читател таа ќе му ја отпее својата химна, тоа нека остане загатка и само една од бројните причини поради кои таа треба да се чита и како роман и како хроника, па и како хрестоматија на записи за страдањето и за искупувањето.“ – заклучува критичарката на „Политика“ во својот содржаен книжевен осврт кон македонскиот роман „Столб што пее“.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica