Документарниот филм „Приказната за Силјан“, откупен за глобална дистрибуција од National Geographic Documentary Films, продолжува да го зацврстува својот меѓународен успех. Филмот, во режија и продукција на Тамара Котевска заедно со директорот на фотографија и продуцентот Жан Дакар (Jean Dakar), доби уште едно од најзначајните признанија во документарниот свет, номинација за PGA Awards (Producers Guild of America) во категоријата Outstanding Producer of Documentary Motion Pictures.
Ова признание има особена тежина затоа што PGA наградува автори кои преземаат повеќе функции во создавањето на филмот и се изложуваат на големи и често надчовечки напори за да реализираат автентично документарно дело. Во документарниот свет, каде авторите често се и режисери и продуценти и сниматели и истражувачи и теренски координатори, ваквото признание е потврда за нивната целосна посветеност.
Процесот на снимање не бил само технички предизвик, туку и длабоко човечко вкоренување во средината што ја документираат. Со месеци поминати со протагонистите, следејќи го нивниот живот и ретката врска со белите штркови, камерата постепено престанала да биде забележлива. И луѓето и штрковите природно се навикнале на нејзиното присуство, прифаќајќи ја како дел од секојдневието. Овој ненаметлив пристап, изграден врз доверба, време и човечка близина, е препознатливиот печат што Котевска и Дакар го оставаат во своите документарни филмови, овозможувајќи приказните да се развиваат органски и искрено.
„Оваа номинација за награда можат вистински да ја разберат само оние кои навистина го живеат филмот. За нас ова признание е за сите денови, ноќи, жртви и години посветени на оваа приказна, за животот на терен, за довербата што ни ја дадоа протагонистите и за моментите кога камерата престана да биде камера и стана дел од светот што го снимавме,“ велат Тамара Котевска и Жан Дакар во заедничка изјава.
Филмот веќе се вброи меѓу најрелевантните документарни остварувања на годината по освоените две награди на IDA Documentary Awards за најдобар документарен филм и најдобра камера, како и по премиерите на најголемите светски фестивали, меѓу кои Венеција и Торонто, и бројните проекции низ САД, Канада и наскоро во Британија. Откупот од National Geographic Documentary Films дополнително го засилува неговото глобално присуство и поддршка во тековната оскаровска кампања.
PGA Awards се исто така еден од најсилните индикатори во трката за Оскар, а нивните номинирани и добитници редовно се појавуваат и во финалниот избор за највисоката филмска награда.