Илјадници свеќи ќе го осветлат Центарот за култура во Битола на 6 декември кога ќе се одржи првиот концерт Candlelight во овој град – исклучително музичко и визуелно доживување во изведба на камерниот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на маестро Ѓурѓица Дашиќ.
На ова специјално издание како солист ќе настапи Владимир Костов, концерт-мајстор на Македонската филхармонија и еден од најценетите македонски виолинисти. Со својата префинета техника, емоционална длабочина и сценска харизма, Костов ја освојува публиката на сите континенти.
„Овој концерт е особено значаен затоа што првпат ја носиме уникатната атмосфера на концертите Candlelight во Битола. Под светлината на свеќите музиката добива нова димензија – интимна, топла и полна со емоции. Програмата е внимателно избрана за да ја долови магијата на класичната музика во едно сосема поинакво светло“, изјави маестро Ѓурѓица Дашиќ.

Владимир Костов, роден во Битола, има блескава кариера со настапи на некои од најреномираните светски сцени: Берлинската филхармонија, „Концертхаус“ – Виена, „Линколн центарот“ – Њујорк, Универзитетот „Харвард“ и многу други. Добитник е на престижната награда „Георги Божиков“ и е основач на фестивалот „Виолин фест“. Со својот интерпретативен сензибилитет и извонредна техника Костов претставува симбол на современата македонска виолинска школа.
Инаку, концептот на Candlelight – концерт на свеќи, е светски признат тренд, кој ја трансформира традиционалната концертна атмосфера во интимно и емотивно доживување. Илјадници свеќи го обвиваат просторот во топол сјај создавајќи симбиоза меѓу звукот и светлината, која ја приближува публиката до суштината на музиката.