Во среда, 3 декември, со почеток од 19:00 часот во „Јавна соба“, Скопје, ќе се одржи промоцијата на монографијата „Рисима“ од Јасна Франговска, посветена на најпознатата и најуспешна македонска кореографка за современ танц ‒ Рисима Рисимкин. Изданието е на „ПНВ Публикации“ и објавено е со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Монографијата низ разговор со Јасна Франговска и Рисима Рисимкин ќе ја претстави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
„Би ја опишала како македонската Пина Бауш, потпрена на белиот балет, којашто во еден момент посакува да излезе од таа рамка и да оди во слободата на движењето…“, ќе изјави Мирјана Радочевиќ за „Политика“, Белград во 2003 г.
Покрај извонредно питкото писмо на Франговска, што на многу топол и непосреден начин го доближува животниот и професионалниот пат на Рисимкин, извадоците од позначајните рецензии за нејзините дела и обраќањата до читателот од самата Рисима, изданието е збогатено и со неверојатни фотографии од личната архива на Рисимкин и од архивата на „Интерарт културниот центар“, чиишто автори се: Андреј Гиновски, Драган Перковски, Сашо Димоски, Сердар Ајдин, Aнтонио Пиштолов, Ивана Тасев, Олга Ибатулина, Зоран Велјаноски ‒ Летра, Емил Петров и Борис Грдановски.