Групна изложба на осум хрватски уметници: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ со наслов „Инфра ред – уметност на иднината“ ќе биде отворена на 25 ноември, вторник, во Мала станица, со почеток во 20 часот. Куратор на изложбата е Санда Станаќев Бајзек.
Во рамките на Годишната програма на Националната галерија на Македонија, ќе биде отворена групната изложба под наслов „Инфра ред – уметност на иднината“. Изложбата, која е финансирана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, се реализира на иницијатива и во соработка со Хрватското здружение на ликовни уметници и критичари.
Во рамките на изложбата, на 26 ноември 2025 година (среда), во 19 часот (објект Мала станица), Ивана Ожетски ќе одржи презентација под наслов „InfraredArt – перцепција на бои надвор од видливиот спектар: презентација на инфрацрвено сликарство со проекција на филм за “InfraredArt“.
Според кураторката Санда Станаќев Бајзек „Уметничкиот израз кој во себе носи особини на ново, и на формално и на изразно ниво, кој ја менува перцепцијата и ги разоткрива сликарските тајни претставувајќи своевиден визуелен феномен, се крие под името – InfraredArt (инфрацрвена уметност) и INFRAREDESIGN (инфрацрвен дизајн). Го претставуваме преку примери на уметници кои сликаат таканаречени „инфрацрвени слики“ или продуцираат со графички печат, како ново и различно создавање визуелно дело. Тоа создавање е втемелено на перцепцијата на бојата, односно на нејзините физички карактеристики, поточно на карактеристиките на светлината, а го има искористено и хрватскиот научен тим што ја создаде денес веќе добро познатата метода за продуцирање двојна слика – „infraredesign“ (инфрацрвен дизајн) и „InfraredArt“ (инфрацрвена уметност). Тоа се посебно креирани компјутерски графики и уметнички слики со двојна и различна содржина за визуелното и за инфрацрвеното подрачје. Едната е видлива со голо око на дневна светлина, а другата на инфрацрвена бранова должина само со помош на инфрацрвена ЗРГБ камера. Како нов начин за дизајнирање со помош на графиката, односно уметничкото сликање, иницираше и истражување на тоновите на стандардните бои и пигменти што се разликуваат по својството на апсорпција на инфрацрвената светлина, бидејќи секоја од сликарските бои може да се направи на безброј начини, а да го задржи истото својство на апсорпција на светлината во видниот спектар на човечкото око, а да има потполно различни својства во блиското инфрацрвено подрачје… Оттаму, “InfraredArt“ не е само презентација на технологија. Тоа е нов ликовен израз, сосема оригинален и единствен пристап на претставување, односно создавање слика.“