
Во организација на Фондација Метаморфозис, денеска онлајн се одржа вебинар/панел дискусија на тема „Спречување на анти-ЕУ наративи и говор на омраза во Западен Балкан: Предизвици и одговори“. Настанот е дел од програмата на Денови на медиумска писменост, кои се одржуваат од 17 до 24 ноември.
Сесијата ги анализираше најупорните анти-ЕУ наративи што циркулираат низ регионот, при што беше истакнато, како политичките актери, партиските медиуми и различните идеолошки групи ја претставуваат ЕУ како закана за националниот идентитет, суверенитетот или традиционалните вредности. Учесниците зборуваа како овие наративи се развивале во последните години, како влијаат на јавното мислење и патот на интеграција на земјите во ЕУ, и како внатрешните политички кризи се пресекуваат со надворешните геополитички притисоци кои го разнишуваат довербата во Унијата.
Сесијата понуди практични насоки за медиумски професионалци, организации на граѓанското општество и носители на политики за справување со дезинформации, намалување на влијанието на говорот на омраза и зајакнување на јавната отпорност кон координирани анти-ЕУ пораки во регионот.
Анти-ЕУ наративите ќе продолжат да се шират во Албанија
Барбара Хала, новинарка од Албанија (Фактоје), истакна дека Албанија е многу „про-ЕУ земја“, но дека постојат анти-ЕУ наративи и проруско влијание.
„Има наративи кои обвинуваат ЕУ и НАТО за геополитичките конфликти. Тие наративи циркулираат во мејнстрим медиумите, тоа се непроверени копи/пејст објави на различни портали. Во моето тригодишно искуство на темава, можам да кажам дека проруските наративи и анти-ЕУ наративите немаат големо влијание, туку се турка идејата дека нема да влеземе во ЕУ. Анти-ЕУ наративите ќе продолжат да се шират во Албанија, иако луѓето сакаат да бидат дел од ЕУ“, рече Хала.
Како што таа кажа, ги има ЕУ САД и НАТО како добрите момци, а Русија – лошото момче.
„Мислам дека тоа што се менува пост-ковид, е ширењето дезинформации против ЕУ и против НАТО. Многу акаунти и групи има по социјалните мрежи кои се антиваксерски или шират анти-ковид дезинформации“, додаде таа.
Недовербата во ЕУ и медиумските проблеми се реалност во Србија
Никола Петровиќ, основач и директор на ISAC, во своето излагање на вебинарот истакна дека иако за Србија е корисно да се приклучи на Европската Унија, довербата на српските граѓани во ЕУ како организација, е ниска.
„Во последните четири години, студиите ја покажаа нашата моментална политичка состојба и состојбата во медиумите. Факт е дека алгоритмите на социјалните мрежи се дизајнирани за голем број корисници и приоритет им е заработката, а не проверката на информациите“, кажа тој.
Петровиќ нагласи дека обрнуваме повеќе внимание на негативните наративи отколку на позитивните и тој феномен може да се спореди со сообраќајот.
„Луѓето што возат, не застануваат да уживаат во убавото и да ги погледнат цвеќињата наоколу, туку застануваат ако по пат има несреќа или опасност, што го објаснува начинот на кој медиумите и социјалните мрежи ги прикажуваат содржините“, рече тој.
Според него, анти-ЕУ наративите во Србија се поддржани од надворешни фактори, како Кина и Русија, но исто така се дел од домашен проект започнат уште со декларацијата за независност на Косово.
„Овој проект, за жал, доведе до длабоко зајакнување на шовинизмот, негативен пристап и екстремно зголемување на ксенофобијата во Србија. Се соочуваме со реални проблеми, и тоа е владин проект. Вниманието насочено кон негативни содржини, ја зголемува чувствителноста на јавноста кон анти-ЕУ наративите и поттикнува поларизација“, заклучи тој.
Во Косово граѓаните мислат дека ЕУ ја фаворизира Србија
Фестим Ризанај, истражувач од Хибрид инфо, истакна дека главниот проблем во Косово е поврзан со преговорите со ЕУ, каде што се шират наративи од сомнителни акаунти на социјалните мрежи.
„Постои верување дека ЕУ политиките диспропорционално ја фаворизираат Србија. На мета и српското малцинство, а овие наративи се присутни и на ТВ шоуа и дебати. Сензационалистичките наративи, дистрибуирани преку сомнителни профили на социјалните мрежи, можат да влијаат на довербата на јавноста во ЕУ. Иако мнозинството граѓани останува силно про-ЕУ, политичката поларизација е голема“, кажа Ризанај.
Како што тој пренесе, опозициските партии се на став дека Владата е слаба, а институциите, според него, треба да бидат потранспарентни кога носат одлуки.
„Сензационалистичките наративи можат значително да влијаат на јавното мислење. Зајакнувањето на транспарентноста и медиумската писменост е клучно за справување со овие влијанија и зголемување на довербата во ЕУ“, рече тој.
Анти-западните наративи во Србија се видливи преку темите за родови прашања
Ања Анџушиќ, медиа мониторка RDN, истакна дека анти-западните наративи во Србија се посебно видливи преку темите за ЛГБТКИ+ заедницата и родовите прашања.
„Кога се обидоа да се усвои Закон за родова еднаквост во Србија, наративите прикажуваа дека целата родова идеологија е против традиционалните вредности и доаѓа од Западот. Претставниците кои ги застапуваа овие вредности се сфаќаа како напад врз националниот идентитет“, рече таа.
Анџушиќ сподели дека во нејзиното истражување за говор на омраза во медиумите оваа година, се бележи содржина полна со омраза, насочена кон опозициски политичари, но и кон поддржувачи на власта. Содржините, како што рече, се шират и преку социјалните мрежи, прикажувајќи, на пример, мигранти во Шведска или во ЕУ, и текст „Еве ви како изгледа Шведска“.
„Тоа придонесува за засилување на стравот и говорот на омраза поврзан со миграцијата. Има наративи дека Западот и тајни служби влијаат и на студентите кај нас. Реториката која промовира омраза за миграмнтите е посебно присутна и создава поларизирана јавна сцена“, кажа таа.
Зборувајќи за регулација на рпските медиуми, Анџушиќ истакна дека институционалниот вакум во Србија дополнително го отежнува регулирањето на медиумите.
„Регулаторниот Совет кој носи одлуки за медиумите, не постои веќе две години. Мандатите на претходните членови завршија, имаше два неуспешни обиди да се формира нов совет. Искрено сум загрижена за медиумската состојба во Србија во следните години. Зајакнувањето на институциите и транспарентноста во регулирањето на медиумите се клучни за справување со говорот на омраза и анти-западните наративи во земјата“, подвлече таа.