Синоќа, на големата сцена во Националниот театар (Nemzeti Színház) во Будимпешта, Македонскиот народен театар ја одигра наградуваната претстава „Ничија земја“. Со неколкуминутен громогласен аплауз, публиката ги награди македонските актери, кои страсно и во еден здив ја одиграа претставата.
Директорот на МНТ Никола Кимовски потпиша Договор за соработка со Атила Видњански, директорот на Националниот театар во Будимпешта. Гостувањето на „Ничија земја“ е првиот резултат од оваа соработка и е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции. Веќе напролет, Националниот театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.

Сашко Коцев, како Чики во „Ничија земја“ директно од Националниот театар во Будимпешта изјави: „Ние актерите се чувствуваме како репрезентација која ги брани боите на Македонија, буквално на сите гостувања. И секогаш ја имаме таа желба да победиме.“
На него се надоврза и Тони Михајловски, кој го игра ликот на Цера: „Прекрасно и едновремено тажно и жестоко дело, кое говори за ужасите на војната во поранешна Југославија. Низ целата драма провејува и црн хумор, како би можеле да го „свариме“ небулозниот воен конфликт, којшто се случи на овие простори. Една од ретките претстави, која не ја наметнува порака, таа произлегува сама од себе. Уживам во секоја нејзина изведба и е една од моите ретки прилики, каде можам да застанам на сцена со мојот син, актерот Александар Михајловски“.
Младиот и исклучително енергичен и талентиран актер Александар Михајловски пак, преку ликот на Нино, вели дека оваа претстава бара од него огромен психофизички влог.