Во среда, на 19 ноември, Македонскиот народен театар ќе гостува на сцената на престижниот Национален театар „Nemzeti Színház“ во Будимпешта, Унгарија со наградуваната претстава „Ничија земја“.
Гостувањето е значаен исчекор во продлабочувањето на културната соработка меѓу двете институции, како резултат на Меморандумот за соработка, кој го потпишаа директорите Никола Кимовски од МНТ и Атила Видњански од Националниот театар во Будимпешта. Веќе следната година напролет, унгарскиот Национален театар ќе возврати посета со гостување во МНТ.
„Ова гостување е повеќе од еднократен културен настан, и е ново поглавје во нашата меѓународна соработка. Унгарската публика ќе има можност да ја почувствува енергијата на „Ничија земја“, а ние со ист ентузијазам го очекуваме нивното гостување во Скопје следната година. Верувам дека ова партнерство ќе прерасне во долгорочна и продуктивна размена.“, изјави Кимовски.
Во пресрет на гостувањето на МНТ во „Nemzeti Színház“, директорот Никола Кимовски потенцираше дека ова е голема чест и силна потврда за квалитетот и зрелоста на нашиот ансамбл.
Претставата„Ничија земја“ во Будимпешта ќе се одигра во 19 часот, а по изведбата ќе се одржи „Сесија разговори“ (Q&A) меѓу македонските актери и публиката. По дискусијата, Националниот театар ќе организира пригоден коктел за целата македонска екипа.
За време на посетата, директорот Кимовски ќе има и официјален прием кај директорот на „Nemzeti Színház“, Атила Видњански, за зацврстување на понатамошната соработка и развивање нови културни проекти меѓу двете институции.