Културниот информативен центар – Скопје го најавува пијано рециталот „Скопје во петолиние 2028“ – македонска музичка приказна во чест на Скопје, Европска престолнина на културата 2028.
Овој уникатен рецитал ќе ја раскаже музичката приказна на нашиот град преку внимателно одбрани дела на македонски композитори, претворајќи го Скопје во вистинска партитура, а пијаното – во раскажувач. Рециталот претставува интимна пијанистичка нарација која го пренесува духот и енергијата на градот директно до срцето на публиката.
Со внимателна интерпретација и емоционална длабочина, тој не само што ги оживува музичките дела на македонските композитори, туку и ги афирмира пред домашната и меѓународната публика.
Овој рецитал е прв целовечерен концерт од ваков вид воопшто кај нас, во кој младата надеж на македонската пијанистичка сцена, Давид Павиќ, преку својот личен уметнички израз ќе ги претстави делата на македонските композитори во ново светло.