
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања за реформскиот пакет од 6 закони за буџетот во правосудството, изјави дека не може да се согласи на зголемување на плати на лица, кои како што рече, немаат никаков рејтинг. Тој додаде дека е подготвен да ја донира својата плата на судиите и обвинителите, но под услов тие навистина да судат согласно закон.
„Реформите во судството се за зголемување на платите. Промената на шесте закони, главната реформа е да се зголемат платите. Следната година ние треба да вратиме 2 милијарди евра, некој што го направил претходно, и што не задолжил сите нас и нашите неродени деца. Во буџет од 6,5 милијарди, ние треба да враќаме 2 милијарди долгови, од некој кој душмански ја задолжувал државата. Ја повикувам јавноста нека каже, дали треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите? Еве, јас ќе ја донирам мојата плата, ама барем нека судат согласно закон. Моралот не ми дозволува да се согласам на зголемување плати на лица кои немаат никаков рејтинг. И, ако е тоа клучната реформа која треба да се направи, простете, но јас нема да ја направам“, изјави премиерот.
Како што додаде Мицкоски, сакал јавноста да знае дека реформите се за повисоки плати, не „за некој суштински измени не знам какви“. Според него, такви измени „има во Кривичниот законик, и тоа го правиме под притисок на одлуката на Уставниот суд“. На прашањето за смената на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, премиерот кусо одговори „почекајте, ќе видите“.