Во текот на четириесет и четвртата недела од годинава, во Македонија пријавени се 94 случаи на групни пријави за заболени од грип/заболувања слични на грип што е зголемување од 67,9 отсто во споредба со минатата недела, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
За споредба, во текот на претходната недела се забележува зголемување од 2 пати повеќе во однос на 44 недела од минатата сезона, кога беа регистрирани 47 заболени лица, а во однос на моделот за последните 15 сезони, се регистрира зголемување од 42,9 отсто.
Досега, од грип и заболувања слични на грип оваа сезона евидентирани се 338 лица.
„Ако се разболите од грип или заболувања слични на грип, останете дома и не одете на работа, во училиште или на места каде има многу луѓе. Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна. Избегнувајте блиски контакти со лицата со кои живеете, не примајте посети додека сте болни. Покријте го носот и устата со шамивче при кашлање и кивање. Носете заштитна маска кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кивате. Практикувајте често и темелно миење на раце со топла вода и сапун. Користете влажни марамчиња кои содржат алкохол или средство за дезинфекција на рацете. Ако сте над 65 години или имате хронични заболувања, или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе денови – побарајте лекарска помош“, наведено е во препораките на ИЈЗ.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 52.652 лица од ризичните категории на населението со бесплатни вакцини.
За оваа сезона, обезбедена е бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 80.000 дози, наменета за приоритетни групи население. Вакцинацијата на здравствените работници во Скопје се спроведува во Институтот за јавно здравје. Закажувањето за бесплатните вакцини се одвива преку веб-страницата www.vakcinacija.mk.
Д-р Бојан Трајковски од ординацијата „Медика Вера“ вели дека овој период вообичаено има зголемен број пациенти кои доаѓаат со симптоми на грип или настинки.
„Симптомите се слични како и кај ковид, грип, настинка. Третираме симптоми, и во ситуација ако имаме инфлуенца и ковид и настинка. По потреба се прави крвна слика, рентген. Секогаш е зголемен бројот на пациенти овој период, со оглед на променливите темпертури, утринските се повисоки, но навечер е ладно. Најсоодветен простор за развивање на бактерии и висури е затворениот простор, а сега функционираме сите во затворени простории – училиште, градинка, навечер во затворени кафулиња, ресторани. Таму трансмисијата е лесна, брза и едноставна. Извор за зараза се и училиштата и градинките. Нема начин да се заптитиме, освен со вакцина против сезонски грип, која првенствено треба да ја примат хронично болните“, вели д-р Трајковски.