Министерот за култура и туризам и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Зоран Љутков, учествува на 43. сесија на Генералната конференција на УНЕСКО, што се одржува во Конгресниот центар „Патот на свилата“ во Самарканд, Република Узбекистан.
Во своето обраќање пред присутните министерот Љутков ја истакна заложбата на Република Македонија за унапредување на соработката со УНЕСКО и активното учество во реализацијата на иницијативите што ги обединуваат образованието, науката, културата и иновациите во функција на одржлив развој.
Министерот потсети дека во доменот на образованието, со поддршка на УНЕСКО, е изработен извештај за квалитетот на националниот образовен систем кој потврдува дека земјата се движи во насока на еднаков пристап, инклузија и безбедна училишна средина.
Тој посочи дека македонската влада посветува особено внимание на областите што се во фокусот на УНЕСКО -заштитата на културното и природното наследство, справувањето со климатските промени, како и развојот на новите технологии, дигитализацијата и вештачката интелигенција.

Осврнувајќи се на културната соработка, Љутков ги потенцира активностите реализирани во рамките на 20-годишнината од Конвенцијата за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања (2005), во кои активно се вклучени националните институции, фестивалите „Охридско лето“, „Струшки вечери на поезијата“ и „Мајски оперски вечери“.