3.8 C
Vinica
сабота, февруари 21, 2026

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Oбјавена монографијата „Монетоковањето на градовите во античка Македонија“ од Доне Таневски

    Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави монографијата „Монетоковањето на градовите во античка Македонија“ од Доне Таневски. Исклучително значајно издание во кое над 500 страници се посветени на фактографско претставување на градските заедници (полиси), нивната кратка историја, основните економско-политички процеси, а најмногу нивната монетарна дејност. Книгата ја опфаќа територијата и областите што некогаш ѝ припаѓале на античка Македонија, односно на нејзините градови и нивната монетарна продукција.

    – Покрај сите ограничувања што ги наметнува работата на една ваква тема и содржина, пред нас е едно ретко дело, прво од ваков вид во нашата држава, кое во потребниот обем опфаќа повеќе од 40-тина градови, прегледно и стручно ни ја претставува градската монетарна продукција и другите активности поврзани со оваа дејност на градовите. Дадената историската содржина, соодветно дозирана, во голема мера го олеснува разбирањето на нумизматичките појави и процеси и ги детерминира во нивниот историски контекст, истакнуваат меѓу другото нумизматичарите Перо Јосифовски и Милица Шелдарова Василева, во рецензијата за монографијата.

    – Со својата структура, содржина и стручност, делото ќе биде неопходно и корисно помагало не само за пошироката публика, туку и за оние со повисока стручност и познавања од нумизматиката. Публикацијта заслужено ќе си го заземе своето местото, како еден неопоходен прирачник и едукациско помагало, кое дава издржан преглед на монетоковањето на градовите во античка Македонија, нагласено е во рецензијата.

    Како што напоменуваат и Јосифовски и Шелдарова Василева, оваа монографија посветена на градското монетоковање во античка Македонија пополнува една многу побарувачка тематика, која побудува заинтересираност и насочено внимание на поширок круг на заинтересирани.

    Инаку, ова е втора олку обемна и значајна монографија на Доне Таневски од областа на нумизматиката. Претходната монографија, „Монетоковањето во античка Македонија“, „Матица македонска“ ја објави во 2019 година и претставуваше еден долго очекуван, неопходен и многу значаен настан во развитокот и историјата на нумизматиката во современата македонска држава.

    – Денеска, неколку години подоцна, изработката и публикувањето на новата книга од истиот автор Доне Таневски, насловена „Монетоковањето на градовите во античка Македонија“, уште повеќе го потврди, го прошири и го маркира историското значење на појавата и на печатењето на овие нумизматички публикации. И покрај различните теми и предмети на обработка, овие две монографии меѓусебно се надоврзуваат и надополнуваат, сочинувајќи на еден свој начин мини енциклопедија за монетoковањето во античка Македонија. Првата книга е посветена, пред сè, на монетоковањето на македонските кралеви, а втората книга, која ја опфаќа монетарната продукција на градовите на територијата на античка Македонија, заедно или посебно, по својот карактер претставуваат своевидни учебници, прирачници или водичи низ монетарната историја и монетоковањето во античка Македонија, истакнуваат нумизматичарите Јосифовски и Шелдарова Василева.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica