Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчера беше промовирана научната монографија „Во потрага по фотографите Арсовски“ и отворена изложбата „Арсовски – фотографи“ посветена на претходно целосно непознатото, но исклучително вредно фотографско творештво на семејството Арсовски.
Изложбата и публикацијата отвораат ново поглавје во историјата на македонската и хрватската фотографија со кое што се надополнува значаен сегмент во историјата на македонската и хрватската фотографија.
„Поводот за истражување на фотографското семејство Арсовски беше покана од Дејан Кршиќ, кој, додека подготвуваше монографија за Михајло Арсовски, наиде на фотографии од семејното наследство“, нагласи д-р Ива Просоли, уредник и автор на изложбата и монографијата. Преку истражување во архиви, музеи и приватни колекции, реконструиран е фотографскиот опус на семејството Арсовски, со голема уметничка вредност и исклучителен технички квалитет, опфаќајќи урбани сцени од старо Скопско, христијански споменици, обичаи, жетва, мода и општествени трендови и секојдневниот живот во македонскиот меѓувоен период. Денес, нивното дело претставува вреден документ за колективната меморија на еден простор и време.
Монографијата и изложбата ја претставија авторките и кураторите како и директорката на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска и директорот на Музејот за уметности и занаети Сањин Михелиќ кои ги потврдија заложбите за промоција на културните вредности, продлабочување на меѓународната соработка и културните врски меѓу Хрватска и Македонија, потенцирајќи дека во годината кога Музејот за уметности и занаети ја одбележува 145-годишнината од постоењето организирани се две заеднички значајни изложби кои што наредната година ќе бидат претставени во Музејот на град Скопје и во македонската Национална галерија.
Изложбата „Арсовски – Фотографи“ ќе биде отворена до 10 ноември 2025 година во македонскиот Културно – информативен центар во Загреб. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб овој проект го реализираше во соработка со Музејот на уметности и занаети, Загреб и Музејот на град во Скопјe.
Две генерации заборавени фотографи