Од 20 до 24 октомври, во Кинотеката на Република Северна Македонија ќе се одржи 16. издание на ЕХО – Фестивал на планински филм, единствениот настан во земјава што ја слави планината преку уметноста на филмот.
Годинава, фестивалот ја става во центар поврзаноста меѓу човекот и природата, преку внимателно селектирана програма на документарни и авторски филмови од целиот свет.
Посебен дел од програмата е посветен на еколошките филмови кои се селектирани целосно во соработка со МАКЕДОНСКОТО ЕКОЛОШКО ДРУШТВО – МЕД, долгорочен партнер на ЕХО, кои ги истражуваат последиците од климатските промени и човековото влијание врз природата. Меѓу нив се издвојуваат „Lupi Nostri (Our Wolves)“ – трогателна приказна за враќањето на волците во италијанските Апенини; „Treego of Life“ – визуелно патување низ симбиозата меѓу дрвјата и човештвото; и „WAO Zone“, кој преку планински авантури ја истражува границата меѓу природното и урбаното.
Екологија, климатски предизвици и уметност за иднината
Во „Martha“ и „Plastic People“ авторите поставуваат прашања за односот кон отпадот и одржливоста, додека „Climate Art – From Protest to Utopia“ го прикажува уметничкиот отпор кон еколошките катастрофи. Ледените контрасти пристигнуваат со „Antarctica – Domain One“ и „Living Ice“, филмови што откриваат како се менува најсуровиот континент на Земјата. Програмата ја заокружуваат „Mont-Blanc Éternel?“ – поетска опсервација за топењето на глечерите во Алпите, и „Pot of Gold“ – документарец што трага по вистинската вредност во свет на материјална преизобилност.
Гостувања, презентации и живи приказни