Силен земјотрес со магнитуда од 7,4 степени денеска го погоди крајбрежјето на јужните Филипини, соопшти нејзината сеизмолошка агенција, при што беа издадени предупредувања за цунами во неколку земји, а луѓето во блиските крајбрежни области беа повикани да се преселат во внатрешноста или на повисоки места.
Беше предупредно и за последователни потреси од земјотресот, кој се случи наутро во водите покрај градот Манај во Давао Ориентал во регионот Минданао. Најмалку едно лице загина, изјави на Фејсбук службеникот за цивилна одбрана Рафи Алехандро.
Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами издаде ажурирање околу пладне по локално време во кое се вели дека заканата од цунами на Филипините поминала, откако претходно соопшти дека се можни бранови високи од 1 до 3 метри, иако предупредувањата од други агенции остануваат на сила.
Нема други извештаи за жртви од службите за катастрофи во регионот контактирани од Ројтерс, но еден службеник во Манај рече дека имало првични извештаи за штети на домови, згради и мостови.
Земјотресот беше меѓу најсилните во последните години што ги погодија Филипините, кои се наоѓаат на Тихоокеанскиот „Огнен прстен“ и доживуваат повеќе од 800 земјотреси секоја година.
Американскиот систем за предупредување од цунами издаде закана од цунами веднаш по земјотресот, велејќи дека се можни опасни бранови за бреговите во радиус од 300 километри од епицентарот на земјотресот.
Земјотресот се случи две недели откако Филипините го доживеаја својот најсмртоносен земјотрес, за повеќе од една деценија, со 74 жртви на островот Себу. Тоа беше магнитуда од 6,9 степени и исто така го погоди крајбрежјето.
Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос помладиот рече дека властите ја проценуваат ситуацијата на терен и рече дека екипите за пребарување и спасување ќе бидат распоредени кога ќе биде безбедно да се стори тоа.
„Работиме деноноќно за да осигуриме дека помошта ќе стигне до сите на кои им е потребна“, рече Маркос во соопштението.
Ричи Диуен, службеник за катастрофи во Манај, во близина на епицентарот, изјави дека земјотресот траел 30-40 секунди, а првичните штети вклучуваат неколку куќи, фасада на црква, испукани патишта и непроодни мостови.