13.8 C
Vinica
понеделник, октомври 13, 2025

РАДИО ЛАКОСТА 103,3 FM

More

    Актуелно

    Европскиот парламент денеска ќе гласа за две инцијативи за недоверба на Европската комисија

    Европскиот парламент денеска во Стразбур во две одвоени гласања ќе треба да се изјасни за двете инцијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен.  Иницијативата за недоверба доаѓа од десничарската група Патриоти за Европа и од екстремната Левица, за која европратениците дебатираа на почетокот на неделата.

    Претседателот на Патриоти за Европа, Жордан Бардела порача дека гласањето против Европската комисија нема да ја уништи Европа, туку ќе ја спаси.

    „Тоа е глас против Европа на Макрон, против Европа на Фон дер Лајен, а пред се тоа е глас за опстанок на Европа на слободните нации“, рече Бардела и додаде дека ЕУ под водство на Фон дер Лајен се движи брзоплето и безглаво без да знае каде оди, а дополнително Еврокомисијата продолжува со политиката на, како што рече, смешното проширување.

    Бардела обвини и дека со склучувањето на договорите за трговија со Меркосур и САД, Еврокомисијата потпишала трговско предавство на Европа, а дека со нејзините илјадници нови законски акти ја направила ЕУ светски шампион во бирократијата.

    Според копретседателката на Левица, Манон Обри, Фон дер Лајен мора да замине од функцијата затоа што капитулирала пред американскиот претседател Доналд Трамп, поддржувајќи го неговиот неоклонијален план за Газа и ја довела Унијата во вазална позиција правејќи економски отстапки во корист на САД.

    Обри нагласи дека Фон дер Лајен мора да замине и затоа што е соучесник во геноцидот во Газа, и одбива да ги прекине трговските односи со Израел и да воведе ембарго за оружје.

    Одговарајќи на наводите изнесени во образложенијата на иницијативите, Фон дер Лајен обвини дека противниците на ЕУ се трудат да поттикнат поделби и да ги искористат тие поделби против самата Унија. Според неа, токму рускиот претседател Владимир Путин не ја крие својата радост и поддршка за она што за него го работат сите негови послушници во Европа.

    „Тоа е најстариот трик – сеење поделби, ширење дезинформации, правење жртвено јагне. Сето тоа, за да ги сврти Европејците едни против други. Да го спуштиме нашиот гард додека се бориме едни против други. Да ја ослабнеме нашата решителност и нашата отпорност. Тоа е стапица и едноставно не можеме да паднеме на неа“, нагласи Фон дер Лајен.

    За да бидат прифатени, иницијативите треба да добијат поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето.

    Ова е второ гласање за недоверба на Еврокомисијата за помалку од три месеци, откако во јули европратениците ја отфрлија сличната иницијатива на романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа.

    Latest Posts

    Не пропуштај

    БИДЕТЕ ИНФОРМИРАНИ

    Во чекор со сите најнови вести, понуди и специјални објави.

    Vinica