Во рамките на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој – Мондиакулт, што се одржува во Барселона, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, имаше свои обраќања на тематските сесии „Културни права“ и „Економија на културата“.
Во своето обраќање на тематската сесија „Културни права“, министерот Љутков нагласи дека културата не е привилегија, туку основно човеково право, загарантирано со Уставот на државата. Тој подвлече дека Македонија ја гради својата културна политика врз темелите на меѓународни документи, како Универзалната декларација за човекови права и Конвенцијата на УНЕСКО за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања.
Министерот се осврна и на значењето на меѓународната соработка преку партнерства со европските и со светските институции, програми за културна размена, реституција на културите добра и развој на дигитални платформи кои овозможуваат културна достапност за сите.

„Веруваме дека глобалниот дијалог е клучен чекор кон поинклузивна и просперитетна култура“, потенцираше тој.
Во рамките на сесијата посветена на креативната економија, министерот Љутков ја претстави стратегиската определба на Министерството за култура и туризам за поддршка и развој на културните и креативните индустрии и нивно позиционирање на меѓународната сцена.