Дезинформациите претставуваат постојан предизвик во Западен Балкан, бидејќи штетните кампањи често се насочени кон клучни настани со цел да ги продлабочат поделбите, да ја поткопаат довербата во демократските институции и да ја разнишаат поддршката за евроатлантската интеграција.
Фондација Метаморфозис како дел од проектот „Антидезинформациски центар на Западен Балкан“ ви го претставува десетото месечно издание на „Дезинфо радар: следи и предупреди 10.0“ кој претставува дел од алармниот систем за податоци и рано предупредување за закани од дезинформации, базирани на увидите на партнерите од проектот од шесте земји на Западен Балкан. Дезинфо Радарот обезбедува навремено предупредување за очекувани критични настани што може да поттикнат дезинформациски наративи, врз основа на анализа на проценка на ризик добиена од континуирано медиумско мониторирање и од претходното искуство со повторувачки дезинформациски кампањи.
Во најновото издание на месечниот билтен „ДЕЗИНФО РАДАР: Следи и предупреди, бр. 10 (подготвено во септември 2025)“, издвојуваме некои од очекуваните клучни настани што најверојатно ќе бидат искористени за ширење дезинформации во Западниот Балкан.
Западен Балкан: Потегот на Русија во Совет за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина се очекува да поттикне антизападни наративи што ќе влијаат врз стабилноста низ целиот Западен Балкан
Сесијата на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина (БиХ) на 21 октомври, свикана од Русија, се очекува да ги обликува наративите не само во БиХ туку и пошироко низ регионот на Западен Балкан. Антизападни актери веројатно ќе засилат дезинформации што ги прикажуваат државните институции како „окупатори“ и НАТО и ЕУ како закани за суверенитетот.
Оваа реторика е особено чувствителна во регион каде што три земји се членки на НАТО, а сите шест формално се на патот кон членство во ЕУ. Таквите наративи ризикуваат да ја поткопаат довербата во евроатлантската интеграција и да ја ослабнат јавната поддршка за демократски реформи. Ефектот на прелевање може да биде особено изразен во Црна Гора и Северна Македонија, каде што антизападните пораки веќе ги експлоатираат внатрешните поделби и широко распространетиот скептицизам кон ЕУ.
Регионалното засилување на анти-западните наративи и сецесионистичката реторика може дополнително да ги поларизира општествата на земјите во регионот, да ги разгори меѓуетничките тензии и да им даде изговор на домашните елити да ги користат за да го одвлечат вниманието од неуспесите во владеењето. Овој момент, затоа, очекувано е да се искористи не само за дестабилизација на Босна и Херцеговина, туку и за поткопување на кредибилитетот на процесот на проширување на ЕУ, продлабочување на политичкиот цинизам и прикажување на НАТО како агресор, а не како обезбедувач на безбедноста. Предвидувањето на овие наративи и нивното превентивно спротивставување е клучно за заштита на стабилноста, довербата во институциите и евроатлантската траекторија на регионот.
АЛБАНИЈА: Недостатокот на транспарентност и дезинформации околу „АИ министерката“ ја еродираат довербата на јавноста во институциите и ЕУ реформите
Информативната средина во Албанија е нарушена од контроверзната одлука на новата влада да назначи „министерка генерирана со вештачка интелигенција“ – прва во светот – како дел од антикорупциска политика во јавните набавки. Иако промовирана како револуционерна мерка, недостатокот на транспарентност за тоа како системот ќе функционира во пракса создаде празнини во етерот кои брзо се пополнуваат со дезинформациите. Јавните набавки се клучна област во преговорите за членство во ЕУ (Поглавје 5 од acquis communautaire). Европската Комисија веќе појасни дека алатките со АИ можат да го поддржат процесот на јавни набавки, но не можат да ја заменат човековата одговорност и надзор. Шпекулациите за автоматизирано управување и недостиг на отчетност дополнително ја еродираат довербата на јавноста во реформите поттикнати од ЕУ.
Се очекува и власта и опозицијата да влијаат врз јавното мислење преку спротивставени дезинформациски кампањи со цел обезбедување политичка предност. Провладините гласови го претставуваат системот со вештачка интелигенција како отпорен на корупција и како гаранција за праведни јавни набавки, додека опозицијата го прикажува како скандал осмислен за прикривање на корупцијата и избегнување на одговорност. Медиумите блиски до партиите ги засилуваат овие поларизирани наративи, оставајќи ги граѓаните заробени во магла од контрадикторни и непроверени тврдења. Оваа средина на конфузија не само е ризична да ја делегитимира институционалната поставеност, туку и да ја поткопа јавната доверба во реформите во јавните набавки и, со тоа, поширокиот процес на пристапување кон ЕУ.
БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА: Најавите за референдум во Република Српска и дезинформациските кампањи го загрозуваат евроатлантскиот пат на земјата
Целото внимание во БиХ е насочено кон 25 октомври, кога Република Српска најави референдум за да го задржи разрешениот претседател Милорад Додик на власт. Дополнителна тензија создава и фактот дека Русија ќе свика седница на Советот за безбедност (СБ) на ООН за БиХ на 31 октомври, за време на нејзиното ротирачко претседателство. Во текот на септември, Додик направи официјална посета на Русија при што високи руски државни функционери и нивната амбасада во БиХ искажаа поддршка на неговите тврдења, осудувајќи го и заканувајќи се на Западот. Временскиот спој на овие настани е високо симболичен и создава плодна почва за дезинформациски кампањи. Наративите кои ги прикажуваат Бошњаците како сојузници на „западните окупатори“, а Србите како бранители на суверенитетот, веројатно ќе ја засилат поларизацијата, ќе ја еродираат довербата во демократските институции и ќе ги поткопаат меѓународните партнерства. Главната цел на ваквите наративи е делегитимирање на европскиот пат на БиХ и продлабочување на националистичките поделби.
Наративите кои поттикнуваат разделби како што се тврдењата дека на Србите им се ускратуваат основни права или дека ЕУ и НАТО ја злоупотребуваат територијалната контрола, се очекува да доминираат во јавниот дискурс и дополнително да ги продлабочат етничките поделби. Анти-западните медиуми најверојатно ќе ги прикажат претстојните случувања како доказ за западна дестабилизација, истовремено легитимирајќи ја сецесионистичката реторика како оправдан одговор на наводното странско мешање. Оваа информативна средина создава услови за попречување на обновата на мандатот на ЕУФОР во ноември и за поткопување на кредибилитетот на меѓународните институции како што се ЕУ, Канцеларијата на висок претставник (OHR) и ЕУФОР Алтеа. Како резултат, Босна ризикува застој во реформите, зголемена ранливост на надворешно влијание и продлабочување на внатрешната нестабилност.
КОСОВО: Одлуката на судот за жалбата на Српска листа ризикува да поттикне дезинформации и да ја продлабочи поларизацијата во општеството
Политичката сцена на Косово е во состојба на висока чувствителност поради очекуваната одлука на Уставниот суд за жалбата на Српска листа околу изборот на потпретседатели на Собранието. Јавната дебата е исполнета со отворени конфронтации меѓу државното раководство и судството, со меѓусебни обвинувања за надминување на овластувања, блокади и политичка пристрасност. Со приближување на рокот на 30 септември, се очекува засилување на дезинформациските кампањи насочени кон делегитимирање на независноста на Судот. Овие наративи ризикуваат да ја еродираат довербата на јавноста во судството и да го прикажат Косово како неспособно да го зачува уставниот поредок.
Доколку Судот ја одбие жалбата на Српска листа, се очекува манипулативните наративи да ја прикажат одлуката како доказ за системска исклученост на косовските Срби, зајакнувајќи ги тврдењата дека Приштина не може да се смета за доверлив заштитник на малцинските права. Паралелно, наративите кои ги истакнуваат институционала нефункционалност, сугерирајќи дека Владата и Парламентот на Косово не можат да управуваат дури ни со рутински постапки, најверојатно ќе ја засилуваат перцепцијата за политички хаос. Кумулативниот ефект од овие кампањи би бил делегитимирање на институциите на Косово и зголемување на ранливоста на земјата на надворешни влијанија во критичен момент од нејзината евроатлантска траекторија.
ЦРНА ГОРА: Очекувани дезинформации насочени кон одложувањата во процесот на интеграција во ЕУ
Јавниот дискурс во Црна Гора се очекува да биде преплавен со засилени дезинформациски кампањи насочени кон процесот на пристапување кон ЕУ, особено експлоатирајќи политички спорови како блокадата од Хрватска за да се прикаже ЕУ како пристрасна. Наративите веројатно ќе истакнат дека секое одложување е намерно со цел да се ослаби Црна Гора, поткрепено со националистички реакции, што ја еродира довербата на граѓаните во демократските институции. Завршетокот на туристичката сезона и претстојните економски предизвици се очекува да бидат искористени за зајакнување на наративите за неуспехот на ЕУ интеграцијата, проследени со еколошки дебати за странските крајбрежни инвестиции.
Улогата на Црна Гора во регионалната безбедност е се уште таргет за непријателски актери кои имаат за цел да шират анти-западен сентимент. Се очекува да се прошират наративи кои сугерираат дека членството во НАТО ја поткопува националната сувереност или ја дестабилизира ситуацијата на Балканот, со што ќе се поттикнува политичка поларизација и ќе се продлабочува недовербата и во домашните и во меѓународните институции. Овие кампањи имаат за цел не само да ја ослабат поддршката за евроатлантската ориентација на Црна Гора, туку и да влијаат врз поширокиот Западен Балкан, каде што три земји веќе се членки на НАТО.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА: Локалните избори создаваат локални дезинформациски пожари
Еден месец пред локалните избори, во јавниот дискурс во Северна Македонија, како што беше и очекувано, доминираат меѓуетнички инциденти и спротивставени наративи околу нив. Во исто време, се појавија четири големи пожари на депонии во Скопскиот регион, вклучувајќи ги Вардариште, Дрисла, депонијата во Шуто Оризари и магацинот за електронски отпад кај Трубарево. Овие инциденти предизвикаа сериозно загадување и брзо беа политизирани, со обвинувања кон опозицијата и контраобвинувања кон властите за системски неуспех во заштита на граѓаните.
Нејасната комуникација од официјалните служби поттикна конфузија и страв меѓу граѓаните, засилувајќи ги теориите на заговор и зголемувајќи ги етничките тензии, бидејќи дел од владините претставници јавно ги обвинуваат етничките заедници како Ромите за криминалните активности. Во комбинација со постојаното загадување од пожарите на депониите, оваа неизвесност ризикува да ја продлабочи јавната недоверба кон институциите. Засега, сликата останува нејасна. Експертите посочуваат дека иако можноста за хибриден напад не може да се исклучи, таквите тврдења бараат внимателна проценка. Пожарите и саботажите се познати тактики во рамките на хибридни операции, но секој заклучок мора да се темели на проверени докази, а владините служби треба да споделат дополнителни информации што би можеле да фрлат светлина врз потеклото и намерите зад пожарите.
Конфузијата се продлабочи откако премиерот изјави дека пожарите се резултат на „хибриден напад“, тврдење кое прво јавно го отфрли министерот за внатрешни работи, кој подоцна ја ревидираше својата изјава. Kонтрадикторните пораки создадоа клима на неизвесност и дезинформации, оставајќи ги граѓаните заробени во „димна завеса“, додека се соочуваат со вистинските здравствени влијанија од загадувањето. Оваа епизода дополнително ја поткопува довербата на јавноста во институциите и ги зајакнува перцепциите за неефикасност на владата.
Нејасната комуникација од официјалните служби поттикна конфузија и страв меѓу граѓаните, засилувајќи ги теориите на заговор и зголемувајќи ги етничките тензии, бидејќи дел од владините претставници јавно ги обвинуваат етничките заедници како Ромите за криминалните активности. Во комбинација со постојаното загадување од пожарите на депониите, оваа неизвесност ризикува да ја продлабочи јавната недоверба кон институциите. Засега, сликата останува нејасна. Експертите посочуваат дека иако можноста за хибриден напад не може да се исклучи, таквите тврдења бараат внимателна проценка. Пожарите и саботажите се познати тактики во рамките на хибридни операции, но секој заклучок мора да се темели на проверени докази, а владините служби треба да споделат дополнителни информации што би можеле да фрлат светлина врз потеклото и намерите зад пожарите.
СРБИЈА: Протестите се соочуваат со дезинформациски кампањи што ги прикажуваат активистите како странски поддржани дестабилизатори
Со приближувањето на 5 октомври и 1 ноември – два датума со симболично значење во Србија – најавени се нови масовни протести. Се очекува провладините медиуми да ги засилат дезинформациските кампањи насочени кон делегитимирање на граѓанската мобилизација. Симболиката на 5 октомври, и падот на Слободан Милошевиќ, веројатно ќе биде искористена во пораки што ги прикажуваат протестите како опасни, екстремистички или манипулирани од странски актери. Протестите на 1 ноември, што ја одбележуваат годишнината на студентските протести, се очекува да бидат најголеми досега. Соочена со оваа зголемена динамика, власта е можно да користи дезинформациски наративи не само за стигматизација на протестите, туку и за оправдување на репресијата и евентуално распишување на предвремени избори како начин за намалување на граѓанскиот притисок.
Се очекува дезинформациите да продолжат да ги „криминализираат“ активистите и да ги прикажуваат студентите како „странски агенти“, зајакнувајќи ги тврдењата дека протестите се организирани од Западот со цел дестабилизација на Србија. Провладините таблоиди и политичките лидери блиски до власта е очекувано да ги засилуваат теориите на заговор и антизападните наративи во рамки на ехо-комора. Со сеење на страв и недоверба, ваквите наративи имаат за цел да го ослабат граѓанскиот активизам, да го обесхрабрат учеството во протестите и да го задржат политичкиот контролен механизам. Притоа, овие наративи ја поткопуваат ЕУ траекторијата на Србија, прикажувајќи ги европските вредности како демократијата и отчетноста не како вистински домашни аспирации, туку како надворешно наметнати закани.
—
Дезинфо Радар: следи и предупреди е месечно издание на проектот Антидезинформациски центар на Западен Балкан, дел од алармниот систем за податоци и рано предупредување за закани од дезинформации, врз основа на увидите на партнерите на проектот од шесте земји на Западен Балкан. Дезинфо Радарот обезбедува навремено предупредување за очекувани критични настани што може да поттикнат дезинформациски наративи, базирани на анализа на проценката на ризик од континуирано медиумско мониторирање и од претходното искуство со повторувачки дезинформациски кампањи.
Информациите обезбедени од Дезинфо Радарот се претставени во концизен и лесен за читање формат и се дистрибуираат преку содржинскиот центар antidisinfo.net, преку електронски билтен, како и преку најпопуларните социјални мрежи во регионот.