Руската Федерација деновиве со сите сили се труди да ја брани нејзината позиција на светската сцена, поточно во салите и кулоарите на Обединетите нации (ОН) во Њујорк, каде што се одржува Генералното собрание. Тоа не ѝ оди мазно, за што говори и нервозниот вординг на рускиот претставник во Обединетите нации.
Тензиите меѓу Русија и Западот се подигнаа на најголемо ниво од почетокот на целосната воена инвазија на Русија врз Украина откако на 19 септември три руски борбени авиони влегоа во естонскиот воздушен простор и останаа таму 12 минути. Иако Москва, веќе по традиција, негираше дека го повредила воздушниот простор на членката на НАТО, Алијансата и Европската Унија остро реагираа на новите руски „провокации“.
Битката со проруските наративи се пресели во зданието на ОН, каде што од 22 до 30 септември 2025 г. се одржува јубилејното 80-то заседание на Генералното собрание. Темата на годинешното заседание е доволно сигнификантна за сегашниот момент во светот – „Подобро заедно: 80 години и повеќе за мир, развој и човекови права“.
Руските „мигови“ го налутија Трамп?
Нарушувањето на воздушниот простор на Естонија од страна на руските „МиГ 31“ го предизвика веројатно најостриот став на Доналд Трамп кон Русија откако е на чело на Белата куќа, изјавувајќи дека земјите членки на НАТО треба да соборат руски авиони доколку го нарушат нивниот воздушен простор. Истовремено изрази поголема поддршка за шансите на Украина да ја добие војната.
Путин и Русија се во големи економски проблеми, сега е време за Украина да дејствува. Во секој случај, им посакувам сè најдобро на двете земји. Ние ќе продолжиме да му испорачуваме оружје на НАТО, за НАТО да постапи како што смета. Среќно на сите!, порача Трамп.
Ваквиот тврд став на Трамп предизвика млак, дури и помирлив одговор од Москва, што може да се прочита низ редовите на изјавата на портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за руските медиуми, кој се обидува да го минимизира терминот „хартиен тигар“.
Русија воопшто не е тигар, сепак Русија повеќе се поврзува со мечка, а хартиените мечки не постојат, а Русија е вистинска мечка. Путин постојано и со различни емоции ја опишуваше нашата мечка. Нема ништо хартиено во тоа, вели Песков, а пренесува руски „Спутник“ на српски јазик.
Ден подоцна ставот на Кремљ дополнително омекна кон реториката што доаѓа од САД, па Песков изјави дека таа не е во спротивност со нивната декларирана желба за решавање на конфликтот во Украина.
Не, не е во спротивност. Гледаме поинаква реторика што доаѓа од Вашингтон. Засега, претпоставуваме дека Вашингтон ја задржува политичката волја, а претседателот (Доналд) Трамп ја задржува политичката волја да продолжи да вложува напори за мирно решавање на конфликтот во Украина, „Раша тудеј“ на српски јазик ја пренесува изјавата на Песков.
И додека светот ги анализира можните импликации по уште една ненадејна промена на ставот на Трамп за крајот на војната во Украина – кој во своето обраќање пред Генералното собрание рече дека САД се „апсолутно подготвени да воведат многу силна рунда моќни царини“ ако Русија не е „подготвена да постигне договор за прекин на војната“ – интересно е да се анализираат наративите што руските претставници ги пласираат на говорницата на Генералното заседание на ОН.
„Хартиената мечка“ ѝ се заканува на Европа
На директното посочување од страна на Каја Калас, висок претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, дека „тука во оваа просторија е присутна една земја која активно се стреми да ги поткопа вредностите и принципите на кои земјите-членки на Обединетите нации се обврзале да се придржуваат“, бидејќи не може случајно да го повреди европскиот воздушен простор трипати за две недели, потоа и на Маргус Цахна, министерот за надворешни работи на Естонија, кој покажа фотографии одблизу на руските авиони, нагласувајќи дека сите „носеле ракети и биле борбено подготвени“, како и на недвосмислениот став на новиот американски амбасадор во ОН, Мајк Волц, дека „САД и неговите сојузници ќе ја бранат секоја педа на територијата на НАТО“, следуваше нервозен одговор на заменикот на постојаниот претставник на Русија во ОН, Дмитри Полјански.
Рускиот дипломат со навредлив речник нечуен досега од таа говорница, насочен пред сè кон Европејците, во манир на „вотабаутизмот“ – пропагандна стратегија на одговор на обвинување со контраобвинување, наместо да понуди објаснување или одбрана од оригиналното обвинување – ги обвини дека шират „примитивна омраза“ кон Русија.
Тврдејќи дека „замина засекогаш времето кога Европа се поврзуваше со ренесансата, просветителството, културата и науката“, како и дека „Волтер, Русо, Кант биле заменети со фон дер Лајени, Каласи, Џонсони и други ситни, замаени русофоби“, Полјански ја обвини Европа за „параноично ширење лаги“ и толкување на сите настани „низ антируска призма“.
Благодарение на нивните напори, примитивната омраза кон нашата земја, во обид да се прикаже Русија како главна закана за паневропската безбедност, пред нашите очи, станува единствена идеологија на европските држави… самата идеја дека војната со Русија е неизбежна се удира во главите на европското население…, тврди Полјански.
Попусто инсистирајќи – и покрај доказите – дека руските авиони не го повредиле воздушниот простор на Естонија, туку дека имале рутински лет кон Калининград (руска енклава меѓу Полска и Литванија на Балтикот), Полјански повторно се фокусираше на украинскиот претседател Володимир Зеленски, обвинувајќи го за корупција, кражба, кршење на човековите права… користејќи ги наративите од широката пропагандна палета, кои се многу пати дебанкирани и во текстовите на „Вистиномер“.
Пишува: Стојан Синадинов