Сојузот за младинска работа (СМР) објави јавен повик за собирање средства за стипендијата „Билјана Василевска Трајкоска“, која е наменета за последипломски студии по младинска работа на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Стипендијата е востановена во чест на Билјана Василевска Трајкоска, истакната активистка и лидерка во областа на младинската работа.
Од СМР велат дека со доделувањето на оваа стипендија не само што се оддава признание на делото на Билјана, туку и се потврдува долгогодишната заложба за создавање нови генерации младински работници кои ќе ја продолжат и надградуваат нејзината мисија.
„Со поддршката од граѓаните, организациите, бизнис заедницата и сите останати поддржувачи ќе овозможиме младите да продолжат со постдипломски студии по младинска работа и да создадеме нови професионалци кои ќе го унапредат системот на младинска работа“, соопштуваат од организацијата.
На последниот повик за стипендијата се пријавиле шест кандидати, двајца повеќе од претходниот пат.
Сојузот ги повикува сите поединци, организации и компании кои ја препознаваат важноста на младинската работа да се приклучат кон иницијативата преку финансиска поддршка, соработка или споделување на информацијата.