Пијано дуо „Гелебешеви“, в четврток со почеток во 20 часот ќе настапат во Камерната сала на Македонската филхармонија. На програмата се дела од Супе, Вагнер, Росини, Рахмањинов и Шостакович.
Во сферата на камерното музицирање, пијано – дуото „Гелебешеви“ од почетокот на своето делување во 2001 година, се наметнува како ансамбл со исклучително високо профилиран квалитет во уметничката изведба, што гради успешна концертна кариера во С. Македонија и на бројни интернационални подиуми ширум светот.
Со цел промоција на македонската музичка култура надвор од границите на својата земја, дуото особено внимание посветува на изведба на пиеси од современи македонски композитори. А транскрипциите на познати оркестарски и камерни дела, подготвени од пијанистот Глигор Гелебешев, специјално за дуото, несомнено на нивните настапи им даваат дополнителна творечка и креативна димензија.
Репертоарот на дуото „Гелебешеви“ е селекција од колоритни дела со разновидна стилска и жанровска определба што најсликовито може да го претстави естетскиот афинитет на двајцата уметници. Започнувајќи од класиката и сонатите на Моцарт, концертните програми содржат оригинални дела за пијано – четири раце и дела за две пијана, со посебен нагласок на епохата на романтизмот: Шуберт, Шопен, Росини, Брамс, Дворжак, Шабрие, Лист, како и сите бои и звуци на дваесеттиот век – Дебиси, Равел, Рахмањинов, Хачатуријан, Барток, Барбер, но и низа композиции од современи композитори од дваесет и првиот век.
Дуото „Гелебешеви“ претставува реномиран камерен ансамбл во Р. Северна Македонија што континуирано настапува во градовите низ земјата и на сите најзначајни фестивали во сферата на класичната музика: „Охридско лето“, „Златна лира“, „Денови на македонска музика“, „Хераклејски вечери“, „Интерфест“, „Скопско лето“, „Прилепско лето“, „Штипско лето“…
Од 2005 година со настапот на Светскиот ден на музката во Париз, пијано – дуото „Гелебешеви“ ја започнува својата интернационална кариера. Низ годините што следат, се редат успешни концертни турнеи во: Италија, Холандија, Романија, Полска, Србија, Бугарија, САД, Турција.