Во четврток, 21.08.2025 година, во 20 часот, ќе се отвори ретроспективната изложба на професор Жанета Вангели во Чифте амам. Овој проект на Националната Галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за Култура и туризам. Куратор на проектот е виш кустос Маја Крстевска а стручен соработник, кустос Горанчо Ѓорѓиевски.
Изложбата ќе ја отвори директорот на Националната Галерија на Македонија господин Али Синани, а воедно пригодна реч за ликовниот опус на уметницата Жанета Вангели ќе даде кураторот на изложбата Маја Крстевска. И секако, авторката на изложбата, Жанета Вангели со свое обраќање ќе ја поздрави публиката.
Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите па до денес, навестувајќи ги атиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, продорен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора.
Жанета Вангели / Архив II, 1985–2025: Епифанија
Ретроспективниот проект/концепт Архив II, 1985–2025: Епифанија е втор дел од творечкиот опус на Жанета Вангели претставен во Музејот на современата уметност – Скопје (2017). Првото ретроспективно претставување Архив, 1987–2017: Синхроницитети даде една (по)целосна слика за творечките етапи на Жанета Вангели во период од триесетина години. Имајќи ја предвид самата концепција на тогашното претставување, во рамки на првата ретроспективна изложба останаа недопрени значајни позиции од нејзините архиви кои се заветиле на времето на преобмислување.
Архив II е и можност да се погледне „однадвор-внатре“, во смисла на деридијанското hors de soi en soi, отворајќи комуникација со чинителите на визуелниот дискурс и излагачките кластери на Вангели. Архивата е привилигирана хетерогена збирка, онтолошки извор со генеричко значење, парадигматски и конкретен ентитет со инхерентно израмнувачка еквивалентност и потенцијална – протонадворешност. Задавајќи нови референцијални рамки и реконструкција врз нова, дијалектичка основа, Вангели покажува неисцрплив потенцијал за класифицирање и групирање, поврзување и раскажување, за ризомирање низ различните документарни и уредувачки поетики. Преиспишувањето во овој уметнички контекст се одвива по пат на архивско преисчитување – поврзување со искуството од минатото како припадност или од сегашноста како коприпадност. Контекстот на позиционирање [mise en place] на архивската граѓа се одвива по пат на нивоа, конституирани од мноштво записи релациски врзани за полиликовната синтагма – Архив II, 1985–2025: Епифанија како собирна поетика.