Општина Виница се приклучи во кампањата на општествено одговорната компанија Макпетрол, „Крени глас против врсничкото насилство“. Нашата општина е една од 14 те општини кои се дел од оваа кампања во Македонија.
Соработката со компанијата беше одбележана со потпишување меморандум од градоначалникот Миле Петков и членката на управниот одбор и директорка во компанијата, Марија Јосифовска-Спасовска. За училиштата „Макпетрол“ ќе испечати и едукативни материјали.
Во општинските основни и средното училиште ќе се одржуваат работилници на кои учениците но и стручните служби ќе имаат можност да учествуваат во работилниците на кои што преку разговор и вежби кои што ќе ги води психолог со долгогодишно искуство со темата, ќе ги разгледуваат повеќето аспекти на врсничкото насилство. На овие средби учествуваат и стручните служби кои што имаат можност да се стекнат со знаења што потоа можат да ги применат во секојдневната настава. Младите, наставниците, но и психолозите и педагозите, на работилниците ќе се запознаваат со формите на булинг, како што се физичкото, вербалното, психичкото, социјалното и сајбер-насилството.
– Врсничкото насилство е навистина сериозен проблем на којшто треба сите во општеството да најдеме начин како, најпрво, да го препознаеме, а потоа и соодветно да реагираме. Токму од тоа чувство на одговорност, токму од таа потреба да придонесеме во развојот на заедницата, се роди идејата за оваа кампања која што гледаме дека е препознаена како вредност во најразличните сегменти од нашето живеење. Приклучувањето на голем број општини, каде што овозможуваме да се одржат едукативни работилници и обезбедуваме образовни материјали на темата, ни укажува дека ова е појава за чие што решавање имаме поддржувачи и партнери со кои што заеднички работиме. Примарна цел, секако, ни е подобрување на состојбата на децата и на младите, на кои булингот најдиректно и најдолгорочно им влијае – вели Јосифовска-Спасовска.