Агенцијата за храна и ветеринарство најостро ги демантира изнесените ставови на прес-конференцијата на Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ на која обвинува дека надлежните државни органи дозволиле увоз на небезбеден зеленчук со концентрации на пестициди над максимално дозволените концентрации. Документите што ги презентира Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат, велат од Агенцијата.
„Како и досега, сè додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Тие не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање незадоволителен резултат пратката се поништува или се наредува враќање во земјата на потекло. Пратките на домати што се увезуваат од Албанија се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување.
За, како што вели Трипуновски, сомнителните пратки со зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјата. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес-конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна“, нагласуваат во нивното соопштение.
Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина на, како што се вели во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ – се работи за мостри на домати што не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот. За нив нема никаков доказ за потеклото на доматите и од каде се земени мострите и затоа резултатот од страна на АХВ се смета за сомнеж.
Врз основа на ова, Агенцијата преку инспекторите веќе спроведува дополнителни, засилени контроли на местата каде што се продаваат домати од оператори што извршиле увоз од Република Албанија со цел утврдување на потеклото на доматите, односно дали станува збор за производ од увозно или од домашно производство и дали доколку се увезени, ја имаат потребната документација, која опфаќа и извршени лабораториски анализи.
Од почетокот на годинава досега земени и лабораториски тестирани се 63 мостри од зеленчук (домати, краставици, пиперки), од кои 26 мостри само од домати. Позитивни на пестициди се само две пратки, и тоа една со краставици од Албанија (небезбедно се уништени) и една пратка со пиперки по потекло од Албанија, која сè уште се наоѓа по официјален надзор, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Инаку денеска претседателот на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство од ВМРО-ДПМНЕ, Цветан Трипуновски, информира дека камиони со отровен зеленчук се влезени во Македонија и пуштени во промет.